Казината ќе се дислоцираат од училиштата, се отстрануваат терминалите – Владата го утврди предлог-законот за игри на среќа

Казината ќе се дислоцираат од училиштата, се отстрануваат терминалите – Владата го утврди предлог-законот за игри на среќа

пред 4 часа

Владата го утврди новиот усогласен текст на Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри, кој ќе биде испратен до Собранието, најавувајќи, како што се наведува, „нова, посериозна и поодлучна фаза“ во борбата против нелегалното коцкање и неговото влијание врз младите.

Како што истакна портпаролката, Венера Азизи, фокусот на законот е ставен на заштита на децата, младите и семејствата, преку значително построги правила за рекламирање и локација на објектите за игри на среќа.

Со новите решенија се забранува рекламирање надвор од деловните простории доколку тоа има за цел да поттикнува учество во игри на среќа, како и пораки кои коцкањето го прикажуваат како начин за финансиски успех или решение на животни проблеми. Дополнително, се забранува и рекламирање преку познати личности и содржини насочени кон малолетници.

Една од клучните мерки е и воведувањето минимална оддалеченост од 500 метри меѓу објектите за игри на среќа и основните и средните училишта.

„Со законот се предвидува сите објекти во кои се приредуваат игри на среќа во казина, автомат клубови и електронски игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Во обложувалниците кои се наоѓаат во радиус до 500 метри од училишта нема да биде дозволено поставување на електронски видео-лотариски терминали и друга опрема за електронски игри на среќа“, истакна Азизи.

Паралелно, институциите информираат дека се засилуваат и мерките против нелегалното онлајн коцкање, при што досега се затворени 358 нелегални странски платформи кои, како што се наведува, работеле без лиценца и без контрола.

Од Владата порачаа дека ќе продолжат со засилени контроли и законски мерки, со цел воспоставување „одговорен и контролиран систем“ и поголема заштита на граѓаните.

Текстот Казината ќе се дислоцираат од училиштата, се отстрануваат терминалите – Владата го утврди предлог-законот за игри на среќа е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top