Кирацовски смета дека Пауновски не треба да биде разрешен

пред 3 години

Поранешниот генерален секретар на СДСМ и поранешен пратеник, Александар Кирацовски резмислува спротивно од премиерот Зоран Заев, актуелниот генерален секретар Љупчо Николовски и вицепремиерот Артан Груби за случајот со разрешувањето на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.

За разлика од останатите, Кирацовски вели дека Пауновски не треба да се разрешува, туку да се сметат критериумите за рамковна распределба на вработените по рамковниот договор.

„Да се менуваме на подобро, менувајќи го лошото, не доброто. Aдминистративците по рамковниот концепт треба да бидат артикулирани во системот, согласно критериумите кои важат за сите останати, но не треба да бидат привилегирани на штета на истиот. Кога веќе силно се залагаме за подигнување на критериумите на високо професионално ниво во администрацијата и државниот апарат, неупатно и погрешно е да го менуваме оној кој најдоследно ги применува. Можеби јавната конфронтација на Пауновски е политички несмасна и спротивна на професионалниот кодекс на однесување, но неговата смена во овој момент би била грешна порака, спротивна на евидентните заложби“, напиша Кирацовски.

Претходно, премиерот Зоран Заев кажа дека очекува да се разреши Стојко Пауновски, бидејќи смета дека има основ за тоа.

Ова дојде откако претходно Пауновски одби да вработи 35 рамковни административци, бидејќи сметаше дека тие не исполнуваат услови согласно систематизацијата.

На ова одговори Заев, кој јавно му испрати порака и му порача да не дава отпор. Пауновски отиде чекор понатаму и кажа дека е разочаран од изјавата на премиерот. Заев смета дека Пауновски со изјавите го понижил него, но и Артан Груби како вицепремиер задолжен за прераспределба на рамковните вработени.

Од Владата и кабинетот на премиерот засега нема одговор дали ќе ги примат вработените во Државниот пазарен инспекторат кои застанаа на страната на директорот и кои бараат итна средба и отповикување на најавата за разрешување на Пауновски.

Share
Scroll to Top