Кисела Вода ги избра најдобрите спортисти за 2025 година

Кисела Вода ги избра најдобрите спортисти за 2025 година

пред 3 часа

Во Општина Кисела Вода синоќа за првпат се одржа манифестацијата „Спортист на годината“, посветена на најдобрите спортисти кои со своите резултати ја промовираат општината и ја градат нејзината спортска иднина.

Признанието за најдобар спортист во машка конкуренција го добил мотоциклистот Кристијан Бузалковски, третопласиран во генералниот пласман на европскиот шампионат ФИМ Европа, додека во женска конкуренција приматот ѝ припаднала на Катерина Ацевска, освојувачка на бронзен медал на светското првенство во џиу-џица во Банкок.

Во категоријата спортист на годината – лица со попреченост, победник е пингпонгарката Олга Ристовска. За најдобра женска сениорска екипа е прогласен ЖОК Јанта Волеј, а за најдобра машка сениорска екипа- КК Ангели.

Постхумното признание за придонес во спортот му беше доделено на легендарниот македонски фудбалер Васил Рингов, додека параолимпиецот Ванчо Каранфилов го понесе признанието „Спортска легенда“.

Во останатите номинации наградени се: Јаков Трајковски – најдобар млад спортист, Ива Богдановска – најдобра млада спортистка, ЖОК Јанта Волеј, ЖКК Бадел и ФК Кул Здравје -најдобри екипи во млади категории, Никола Јаневиќ – најдобар тренер, Игор Зафировски – најдобар наставник по физичка култура, Горан Јаневиќ – најдобар спортски работник, како и Меланија Гроздановска, која го освои признанието подвиг на годината за остварени три пласмани на државните првенства.

Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска потенцирала дека оваа манифестација не е само формален чин на доделување награди, туку и искрено признание за вложениот труд и јасна валоризација на постигнатите резултати.

-За наградените, ова е заслужена лична сатисфакција, а за сите млади од Кисела Вода  порака дека успехот е достижен и дека нивната општина стои зад нив. Како градоначалник, но и како поддржувач на спортските вредности, искрено верувам дека спортот е една од најсилните алатки за градење здраво, активно и поврзано општество. Тој го гради карактерот, учи на фер-плеј, на одговорност и тимска работа, а воедно, преку остварените успеси, ја промовира Кисела Вода далеку надвор од нејзините граници. Големо задоволство е присуството на министерот за спорт Борко Ристовски, со кого преку заеднички проекти и усогласени активности создаваме подобри услови за тренинг, натпреварување и развој на младите. Им благодарам и на сите останати присутни гости кои со своето присуство ја збогатија вечерта и дадоа силна поддршка на нашите спортисти, истакнала Стаменкоска Трајкоска.

Градоначалничката посочила дека Општина Кисела Вода континуирано вложува во спортот преку материјална поддршка за училишни спортски клубови и здруженија, организација на Купот “Св. Ѓорѓи”, парични награди за талентирани ученици-спортисти, проектот „Спортуваме – Другаруваме” за ученици со посебни потреби, Шаховска лига, основање на Спортска академија, како и обнова и изградба на спортска инфраструктура и унапредување на спортот во училиштата. Истакнала дека нејзина цел како градоначалник, е секое дете да има пристап до спорт, секој млад човек можност за развој, а секој клуб соодветни услови за работа. 

Текстот Кисела Вода ги избра најдобрите спортисти за 2025 година е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top