Министерот за здравство, Сашо Клековски, денеска учествуваше на министерскиот панел на високо ниво на 9. Германско-источноевропски здравствен форум во Берлин. Форумот е официјален придружен настан на Светскиот самит за здравство (World Health Summit), во организација на Источниот комитет на германската економија (Ost-Ausschuss) и германската здравствена алијанса (GHA).
На панелот учествуваа и министерот за здравство и социјални работи на Грузија, Михаил Сарџвеладзе, и министерката за здравство на Ерменија, Анахит Аванесјан.
Во своето обраќање, Клековски пред германските и меѓународни претставници на институции, индустрија и академската заедница ги претстави состојбата, предизвиците и резултатите на македонското здравство, како и некои од насоките за понатаму.
Беше ставен фокус на регионално вмрежување и заедничка набавка на иновативни лекови; дигитализација вредна 50 милиони евра преку нова стратегија за периодот 2027–2031, изработена со поддршка од ЕУ, како и поголемо користење на програмата ,,EU4Health”.
„Германските компании веќе се меѓу клучните инвеститори во Македонија. Сега сакаме таа соработка да стигне и до здравството – преку нови технологии, дигитализација и едукација на кадрите. Нашите лекари во Германија можат да бидат вистински мост меѓу двете земји“, изјави Клековски.
На маргините на Форумот, министерот Клековски одржа билатерални средби со министерот Сарџвеладзе и со министерката Аванесјан. Тие разменија искуства од реформите на здравствените системи и разговараа за можностите за соработка меѓу земјите од регионот.
Министерот се сретна и со ,,Siemens Healthineers: – за модернизацијата на медицинската опрема и дијагностиката; KPMG – за реформите и дигитализацијата во здравството; Charité – Универзитетската болница Берлин, со која македонското здравство веќе соработува во лекувањето на децата со цистична фиброза со цел натамошна соработка и едукација на кадри; како и со проф. Патрик Јеурисен, советник во Министерството за здравство на Холандија – за холандските искуства со одржливото финансирање на здравствениот систем и со ,,Falk Consulting” – за поддршка на реструктуирање на болниците.
Воедно, тој одржа средба со македонските лекари во Германија.
Во Амбасадата на РСМ во Берлин, министерот Клековски се сретна со голем број лекари, стоматолози и студенти по медицина од македонската дијаспора. На средбата зборуваа и амбасадорот, проф. д-р Илбер Села и д-р Блашко Димковски, претседател на Асоцијацијата на македонски лекари и стоматолози во Германија. Министерот ги претстави реформите во здравствениот систем, а д-р Димковски ја изрази подготвеноста на Асоцијацијата да биде мост за пренесување на германското медицинско знаење и технологии во болниците во Македонија, преку едукации и заеднички научни проекти.
„Само во Асоцијацијата на македонски лекари и стоматолози во Германија членуваат речиси 500 лица. Тоа е огромен потенцијал за македонското здравство. Сакаме нашите лекари во Германија да бидат мост за знаење, едукација и соработка“, изјави министерот Клековски.
Инаку, посетата на Берлин започна вчера со средба со претставници на GHA, на Источниот комитет на германската економија и на Германската стопанска и индустриска комора (DIHK). На средбата се разговараше за потребите на македонското здравство, за техничка помош и едукација и за можностите за партнерства.
Клековски се сретна и со раководството на Бизнис клубот Германија – Северна Македонија (DNMBC), со претседателот Гафар Вејсели и со потпретседателите, Драган Илиевски и Зибер Сељами. Тема на средбата беше пренесувањето на искуства од Германија во Македонија.
Заедно со амбасадорот Села, министерот ја посети и македонската православна црковна општина „Св. Климент Охридски“, каде што се гради нов храм.
Министерот Клековски во текот на посетата беше придружуван од амбасадорот на Република Северна Македонија во Германија, проф. д-р Илбер Села.
Текстот Клековски во Берлин: Германија е партнер за модерно здравство – дигитализација, кадри и нови технологии е превземен од МАКФАКС.




