Клековски: Нема застој во исплатите на породилното и капитацијата на лекарите

Клековски: Нема застој во исплатите на породилното и капитацијата на лекарите

пред 2 часа

Фондот за здравствено осигурување денес одржа прес-брифинг на кој беа презентирани информации поврзани со исплатата на породилни отсуства, капитацискиот модел за матичните лекари, како и достапноста на здравствените услуги во делот на анализите за тумор-маркери.

„Во врска со поединечни наводи за заостанување во исплатите за породилно отсуство, Фондот за здравствено осигурување јасно информира дека не постои одложување во исплатите. Сите обврски се извршуваат редовно и согласно законските рокови“, изјави директорот на Фондот, Сашо Клековски.

Тој кажа дека исплатите се реализираат континуирано и без прекин, а сите барања кои ги исполнуваат условите се процесуираат навремено.

Во врска со капитацијата за матичните лекарите, Клековски, кажа дека се исплаќа навреме и со зголемување од 33%.

„Фондот одлучно ги демантира објавите за наводно задоцнување на капитацијата за матичните лекари.  Според договорните обврски, Фондот има рок од 60 дена за исплата по прифаќањето на фактурите. Матичните лекари ги доставуваат фактурите за претходниот месец од 1 до 10 во тековниот месец. Исплатата во ноември 2025 (во износ од 493.127.241 денари) е во тек и се реализира согласно роковите“, рече тој.

Дополнително, додаде Клековски, од прегледот на исплатите јасно се согледува дека договореното зголемување на капитациите од 33% се спроведува. Во моментов активни се: 948 договори за општа медицина, 972 за општа стоматологија и 149 за гинекологија.

Директорот, исто така, информира дека во 2025 година се извршени четвртина милион анализи за тумор-маркери во 2025 година.

„До октомври 2025 година, во државата се извршени 238.744 анализи за тумор-маркери – што претставува значајна достапност на лабораториската дијагностика. Тестовите се изведуваат во повеќе јавни здравствени установи: Клиничка биохемија – речиси 49.000 анализи, како и во „8 Септември“, Куманово, Битола, Охрид, Штип, Тетово, Гостивар и други градови. Најбарани се: PSA (простата) – над 65.000 CEA (дебело црево и бели дробови) – над 43.000 CA 19-9 (панкреас) – над 35.000 CA-125 (јајници) – над 25.000 CA 15-3 (дојка) – над 21.000“, рече Клековски.

Истакна дека само во 2024 година, 3,06 милијарди денари се исплатени за лабораториски услуги.

Текстот Клековски: Нема застој во исплатите на породилното и капитацијата на лекарите е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top