Клиниката за хематологија воведе нова е-хематолошка амбуланта за пациентите со хематолошки заболувања

пред 3 години

Во интерес на пациентите и нивното здравје, но и со цел да се поедностави комуникацијата меѓу матичните лекари и лекарите од Клиниката за хематологија, воведена е нова Е – хематолошка амбуланта за пациенти кај кои има сомнение за хематолошко заболување, малигно или бенигно, примарно или секундарно, соопшти Министерството за здравство.

Оваа Интернет амбуланта е врска меѓу матичните лекари кои ќе можат да испраќаат резултати или прашања околу споменатите заболувања, притоа пациентот нема непотребни трошоци за патување и чекање. Вoедно, поради состојбата и со коронавирусот, суспектните пациенти нема да имаат контакти со други лица.

Со оваа Е-амбуланта, на здравствените работници од примарното и секундарно здравство ќе им овозможиме современи методи за специјалистичка консултација. Тоа ќе овозможи побрза дијагностика, а воедно ќе се надмине и стравот на пациентите од одењето на рутински прегледи во терцијалното здравство во време на пандемијата на коронавирус.

Универзитетската клиника за хематологија – Скопје во соработка со Министерство за здравство и Мој термин, покрај термините за редовна физичка амбуланта, на здравствените работници од примарното и секундарно здравство со оваа алатка, е-амбуланта, им овозможува закажување на консултативен преглед со хематолог за сите пациенти за кои имаат потреба од специјалистичка консултација.

Амбуланта за е-консултација е всушност телефонска и интернет консултација (во “Мој Термин“) со матични лекари или пациенти и ќе функционира секој работен ден од понеделник до петок од 08:30 до 13:30 часот, со закажани термини на 15 минути.

Постапката за закажување на слободен термин за е-амбуланта е на ист принцип како и закажување на регуларната „физичка“ амбуланта.

Матичниот лекар треба да ја разгледа медицинската документација на пациентот, да се прегледаат најновите резултати од испитувањата (на пример: комплетна крвна слика) и да се формулира конкретно прашање за консултација кое ќе се наведе во упатот.

Консултацијата може да биде поврзана со дијагностика на пациентот, па хематологот да даде соодветна насока или пак консултација за редовна контрола на пациентот која во тој момент не бара физичко присуство и преглед на самиот пациент.

Во упатот матичниот доктор треба да наведе дали консултацијата ќе биде хематолог – пациент или хематолог – матичен лекар, кога треба да го наведе бројот на телефон на кој ќе може да биде повикан од клиниката.

Хематологот од клиниката на закажаниот термин телефонски ќе го побара пациентот или матичниот лекар според наведените информации во упатот.

Хематологот задолжително ќе внесе извештај во кој ќе наведе предлог за дополнителни иследувања, терапија и препорака или ќе назначи потреба од консултација на пациент со физичко присуство на клиниката.

Share
Scroll to Top