Премиерот Димитар Ковачевски, денеска го прими амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија. Хозе Луис Лозано Гарсија, кој од свое лично име и од името на шпанскиот премиер Педро Санчез му пренесе честитки за изборот на премиерот и новата Влада посакувајќи успешна соработка и остварување на програмата.
На средбата беше истакнато повеќедецениското пријателство и билатерални односи на многу високо ниво меѓу двете земји и беше искажана отвореност и волја за продлабочување на економската и трговската соработка, како и соработката во областа на туризмот, културата и образованието.
Премиерот Ковачевски ја повтори благодарноста за брзата ратификација на Протоколот за нашето членство во НАТО, од Парламентот на Шпанија и покрај пандемиските услови, со што се заокружи пристапниот процес на нашата земја како 30-та членка на НАТО.
Премиерот Ковачевски го информираше шпанскиот амбасадор за новата енергија и динамиката утврдена со неговиот бугарски колега, премиерот Кирил Петков, во однос на воспоставениот дијалог и акциски план на работните групи, кои како што беше подвлечено се добра основа за политички решенија на отворените прашања прифатливи за двете страни.
На средбата беше истакнато дека Кралството Шпанија дава јасна и недвосмислена поддршка за што поскоро отпочнување на преговорите на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија.