Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, извршија увид на работните активности на делницата Крупиште – Кочани од новиот експресен пат Штип – Кочани.
При обиколката на теренот, каде градежните активности се одвиваат со засилен ритам беше изразено задоволство и уверување за остварен вкупен прогрес од 75% од делницата долга речиси 14 километри и беше посочено дека и во време на КОВИД -19 пандемијата интензивно се работеше на изградба и реконструкција на главните патни делници низ земјата, а годинава се задржува силно темпо и динамиката.
„ Се уверивме дека остварен е вкупен прогрес на градежните работи од 75% на делницата долга 13,7 километри. Осум километри од делницата е веќе покриен со првиот слој асфалт, а на останатиот дел се завршени земјените работи. Бетонските конструкции на мостовите и надпатниците се завршени до 80%, и сега се подготвуваат завршните работи на хидроизолацијата.
Во тек е процедура за набавка и поставување на еластична одбојна ограда, а на клучките кај Спанчево се вршат подготвителни работи за монтажа на осветлувањето и се чека приклучок кон напојната мрежа. Се подготвува набавка за сигнализацијата на патната опрема. Се поставуваат оптички кабли.
Сето тоа ни говори дека Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта заедно со изведувачите и подизведувачите, се придржуваат до роковите и дека во наредните неколку месеци и оваа делница од експресниот пат Штип – Кочани ќе биде завршена“ изјави Ковачевски.
Тој нагласи дека делницата Штип – Крупиште веќе е во употреба. Вкупната должина на експресниот пат од Штип до Кочани е 28 километри за што е инвестирано 37,3 милиони евра. Дел од тие средства, како што рече, се од Европската банка за обнова и развој, а дел од страничните правци на Коридорот 8.
„ Со изградбата на овој модерен експресен пат создаваме брза патна врска помеѓу Источниот и централниот дел на државата. Овозможуваме брза и безбедна врска со граничните премини кон Бугарија“ истакна Ковачевски.