Комисијата за историски прашања со Бугарија: Сè уште сме далеку од решение

пред 3 години

Денес и вчера Заедничката мултидсциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања ја одржа 16-та редовна средба на која биле дискутирани неколку прашања важни за работата на Комисијата, информираат од таму.

„Во текот на два дена членовите на Комисијата повторно дискутираа по забелешките за учебниците по историја. Остануваат разликите во пристапот и разбирањето на улогата на историјата и историското образование во современите општества и градењето на добри односи ослободени од политизирање на историјата. Пристапот кој се заснова на позитивните европски искуства и препораките на Советот на Европа и УНЕСКО остануваат основа во работата на македонската страната во Комисијата и од тука произлегуваат главните недоразбирања со колегите од Софија, кои остануваат на исклучивиот пристап кој е туѓ на современото разбирање на историското образование кое подразбира мултиперспективен и интердисциплинарен пристап“, стои во соопштението.

„По исцрпна дискусија вториот ден покажа дека двете страни се сè уште далеку од решение кое би довело до подобрување на образовниот процес и остварување на заедничката цел градење добрососедски односи и пријателство во кое минатото и различните толкувања на историјата нема да бидат пречка“, се додава во напишаното.

Од таму информираат дека во текот на двата дена членовите на Комисијата работеле и на усогласување на содржината на записниците од минатите средби, а бил договорен датумот и за следната средба која ќе се одржи на 24 и 25 февруари следната година.

Share
Scroll to Top