Комплексот кај поранешна „Треска“ предвидува згради само до пет ката

пред 3 години

Во врска со информациите кои досега излегуваа во јавноста, дека на локацијата кај старата фабрика „Треска“ ќе се градат облакодери и ќе дојде до задушување на просторот, сопствениците на приватни имоти на овој опфат коментираат дека се работи за шпекулација и дека нивниот план е во согласност со конкретниот урбанистички план за просторот кај „Треска“, кој е донесен во 2012 година.

Комплексот кој го планираат, како што предвидува и самиот важечки ДУП, предвидува изградба на згради со височина од најмногу приземје со 5 ката и поткровје, а во дел и приземје со 4 ката и поткровје, во класична блоковска распореденост, со многу зеленило помеѓу зградите, но и со голем парк во рамки на блоковите. Всушност се работи за максимална висина која нема да надмине вкупно 16 метри, што е сосема спротивно на досегашните шпекулации во јавноста.

Тие потсетуваат и на конкурсот за идејни решенија за оваа локација и концептите кои беа пристигнати, а се всушност надвор од урбанистичките регулативи и параметрите кои ги дозволува важечкиот ДУП. Во јавноста веќе беа презентирани овие идејни решенија и објавени во јавноста на веб-страницата на Општина Центар, а и сè уште се достапни на линкот: https://marh.mk/izvestaj/

Таму се наведува дека прворангираниот концепт од идејните решенија е оформен од пет полуотворени станбени блокови со комбинирана катност од приземје + 4 ката, но и до приземје + 8 ката, што е 3 ката над дозволената висина согласно актуелниот ДУП. Второрангираното предвидува станбени блокови со приземје + 6 ката и станбени кули со 17 ката, додека треторангираното конкурсно решение предвидува вертикален елемент кула од 71 метар со намена хотел. Урбанистички можеби висината не е единствениот параметар кој се гледа, но сепак понудените конкурсните решенија излегуваат од важечката регулатива, наспроти планот на сопствениците на градежните парцели, кои ветуваат ниска градба, со многу зеленило и јавни површини.

Она што е реалната слика, согласно најавите од сопствениците на парцелите на поранешната фабрика Треска, е дека е предвидена изградба на комплекс од вкупно 6 блока, при што најмалиот е со вкупна површина од околу 3900 м2, додека најголемиот 8920 м2, и кај сите 6 блокови се предвидува голема површина на зеленило како партерно уредување.

Всушност, она што е важно да се потенцира е дека актуелниот ДУП од 2012 година, на оваа површина предвидува само 5% зеленило, меѓутоа инвеститорите предвидуваат и повеќе од законскиот минимум од 20%, или вкупно 8200 м2 зелена површина како партерно уредување во рамки на блоковите, а дополнително предвидена е и изградба на јавен парк со вкупна површина од 9474 м2. Согласно ова, вкупното зеленило предвидено за овој простор достигнува близу 18.000 м2, што е значително над минимумот кој го наложува новиот Закон за урбано зеленило.

Каков ќе биде исходот и што точно ќе биде изградено на оваа локација, се надеваме дека јавноста ќе дознае наскоро. Но она што е важно е дека оваа локација, која сега е мини депонија во сред Центар, мора да се реши и урбанизира. Впрочем, урбанизација и конечно решение за „Треска“ бараат и жителите од околните згради затоа што она што е останато од некогашната фабрика за мебел е потенцијален извор на инфекции.

Група сопственици на приватни парцели кај Треска

ПР

Share
Scroll to Top