Со оглед на фактот што денеска е последен ден од работата на анкетната комисија и сè уште немаме закажано продолжение, станува јасно дека ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката Рашела Мизрахи свесно и тенденциозно ја злоупотребија анкетната комисија за случајот на Онкологија, изјави на прес-конференција, пратеникот од СДСМ, Ненад Коциќ.
Два месеца, вели Коциќ, ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребува работата на комисијата, а со тоа ги злоупотребуваше пациентите, граѓаните и македонското Собрание.
„Се викаа сведоци, се трошеа пари на граѓаните, се сееше лаги и на крајот, ВМРО-ДПМНЕ побегна од комисијата, со денови не се свикува седница. Се потврдува она во што се сомневавме уште од почетоот, дека намерата на ВМРО-ДПМНЕ е да ја опструира истрагата на надлежните институции и да ја злоупотребува во политички цели. Најпрвин Антонио Милошоски беше фатен од страна на пратениците на СДСМ како се обидува со невистини да претстави дека Владата сакала да уништи доказен материјал. Кога се виде дека не станува збор за доказен материјал, туку за уништување стари кревети, Милошоски се извинуваше“, рече Коциќ.
Како што додаде, ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотреби комисијата за Онкологија сакајќи своите партиски заклучоци, пишувани во белата палата, да ги претстави како заклучоци на комисијата.
По овој преседан, вели Коциќ, и како народни избраници се спротивставивме на сите злоупотреби, цела недела ДПМНЕ бега, седници нема, не се закажуваат.
Текстот Коциќ: Поради ВМРО-ДПМНЕ и Рашела Мизрахи, пропадна работата на комисија за случајот на Онкологија е превземен од МАКФАКС.