ЛДП и Демократски сојуз донираа книги и учебници во Пустец

пред 3 години

Либерално-демократската партија и Демократскиот сојуз, денес во Пустец, Албанија донираа учебници на македонски јазик за Македонците, ученици во заедничкото основно и средно училиште „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колевски“.

Донацијата од 540 книги и учебни материјали поточно комплети учебници, работни тетратки и збирки задачи по предметите Математика и Природни науки за учениците од прво до петто одделение, беше врачена од страна на претседателот на Либерално-демократската партија, Горан Милевски и претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.

Директорот на училиштето во Пустец, Трајан Вангеловски, градоначалникот на Пустец, Пали Колефски и пратеникот во парламентот на Република Албанија, Васил Стерјовски се заблагодарија на донацијата на книги која ќе им овозможи на учениците полесно совладување на наставната програма.

Според одлуката на Владата во Тирана, Македонците во Албанија имаат право на настава на македонски јазик во основното образование, но се соочуваат со недостиг на учебници по соодветните предмети на македонски јазик.

Во училиштето во Пустец учат 125 ученици во основното образование, и 30 ученици во средно. Во општината Пустец која опфаќа 9 населени места живеат 6000 жители, кои се Македонци по националност.

Share
Scroll to Top