ЛДП: Хаос, пиши-бриши и институционално лудило – добиваме нови шлаканици од ЕУ додека власта секој ден ги менува законите зад грбот на народот

ЛДП: Хаос, пиши-бриши и институционално лудило – добиваме нови шлаканици од ЕУ додека власта секој ден ги менува законите зад грбот на народот

пред 26 минути

„Ова е невиден скандал, аматеризам и катастрофа каква што не се памети ни во најнеразвидените држави! Владата и нивното мнозинство вчера направија класичен испад на „пиши-бриши“ откако сфатија дека ‘случајно’ избришале клучни ставови, па сега по итна постапка се враќаат назад во собраниските клупи за да ги кројат законите преку ноќ. Читаат писмени извештаи и се прават неупатени, но директната порака од Европската комисија е сосем јасна: она што тие го прават со законодавството е чист хаос кој ја става Македонија во ред на крајно нефункционални и неспособни држави. Која будала би инвестирала во земја каде што законите се менуваат секој час само за да се задоволат тесни партиски интереси и директиви?“, прашуваат од ЛДП.

„Како што јасно потврдуваат и анализите од последниот Извештај на Европската комисија, високата корупција во земјава останува широко распространета, а честите и непредвидливи измени на законите директно ја засилуваат перцепцијата за неказнивост. Наместо борба против криминалот, власта испорачува само добра претстава за јавноста – лажни реформи, неуспешни конфискации и законски решенија кои ја ‘галат’ корупцијата, наместо да ја казнуваат. Народот ги трпи последиците од оваа неспособност, додека државата губи на секој чекор“, додаваат од партијата ЛДП.

„Ова е врв на неспособноста и ќе речам ‘правно дивјаштво’ кое мора да престане веднаш! Прво си изгласаа амнестија за функционерите за да ја заштитат високата корупција, а сега со секојдневните измени во Кривичниот законик по скратена постапка прават хаос, додека за обичниот граѓанин воведуваат ригорозни казни. Добиваме јасни шлаканици од Европската унија бидејќи оваа власт ја претвори државата во приватна зона за тендери и партиски манипулации. Ваквото скандалозно однесување мора да заврши – доста е од погребување на правната држава!“, порача претседателката на Либерално-демократската партија и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова.

Од ЛДП бараат „итно запирање на ова законско лудило, повлекување на досегашните штетни интервенции и воспоставување на вистинско владеење на правото, бидејќи Македонија повеќе нема време за губење во рацете на неодговорни политичари!“

Текстот ЛДП: Хаос, пиши-бриши и институционално лудило – добиваме нови шлаканици од ЕУ додека власта секој ден ги менува законите зад грбот на народот е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top