Независниот синдикат на професионални војници тврди дека додека се промовираат реновирани објекти во касарната Јане Сандански во Штип, професионалните војници во најголем дел престојуваат во руинирани објекти кои, според синдикатот, потекнуваат уште од времето на поранешната ЈНА и со децении не се обновени.
Од синдикатот велат дека министерот си нарачува ПР кампања по касарните за да се прикаже дека се работи на модернизација на инфраструктурата, додека реалната состојба, според нив, е сосема поинаква. Посочуваат дека објектите во кои живеат и работат професионалните војници се во катастрофална состојба и дека 35 години во нив не е направена никаква обнова.
„Погледнете ги објектите кои се изградени од поранешната ЈНА и од тогаш не се реновирани,а во нив престојуваат 90 % професионални војници, и не е ставена ни една шајка во овие објекти во овие 35 години. Погледнете ја хигиената и условите за исхрана во најголемата кујна во најголемата касарна во Македонија , каде што лебарките се шетаат по лебот кој се дели на војниците“, вели претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, Александар Насковски.
Според синдикатот, ваквата кампања следува по критиките што ги упатиле за состојбата во Армијата, вклучително и, како што наведуваат, катастрофалната хигиена, појавата на шуга во касарната во Велес, како и објавите за стари и нечисти кебиња и перници. Од синдикатот потенцираат дека, и покрај најголемиот буџет досега за Армијата, министерот се фали со „т.н. модерна инфраструктура“, односно со обнова на само неколку објекти во касарната „Јане Сандански“, додека, како што велат, во земјава има уште 10 касарни и стотици објекти кои треба итно да се реновираат.
Текстот „Лебарки по лебот, руини од минатиот век“: Синдикатот oбвинува дека состојбата во армиските објекти е катастрофална е превземен од МАКФАКС.





