Додека цела ЕУ, вклучително и Германија, се снабдува со евтин руски гас, а дополнително земјите градат и гасоводи од коишто пак добиваат дури и финансиски бенефиции, македонските власти, задоволувајќи ги интересите на шака олигарси и нивните западни бизнис партнери, без никакво оправдание ја одбиваат можноста да добиваме евтин гас само поради тоа што гасот е руски, реагираат од Левицата.
„Деновиве слушаме како премиерот Заев во Александропули, договорил инвестиции со грчки компании во вредност од 750 милиони евра, кои ќе бидат одвојувани од Буџетот. Примерот со бившиот вицепремиер Кочо Анѓушев, кој ја продаде својата компанија ЕДС, формирана со капитал од 5 илјади евра, на државната грчка енергетска компанија за 4.8 милиони евра, ни дава за право да се сомневаме во оваа зделка. Затоа, ја повикуваме Владата на Република Македонија и државната АД ЕСМ, детално, по ставки, да образложат: каде, за што и колку точно ќе вложуваат граѓаните на Македонија преку Буџетот на државата?“, прашуват од оваа партија.
Според нив, повикот е и поради фактот што во изјавите на челниците на Владата биле спомнати како што велат, нереално високи суми за вакви инвестиции.
„Имено, премиерот изјави дека Владата ќе учествува со 380 милиони евра, односно 25% влог во гасна централа за производство на електрична енергија со инсталирана моќност од 800 MW, што значи дека Македонија ќе вложи 380 милиони евра за 200 MW инсталирана моќност. Ако се знае дека цената за изградба на гасна централа се движи нешто помалку од 800 илјади евра за еден MW инсталирана моќност, излегува дека државата треба за 200 MW инсталирана моќност во Грција да плати 1.9 милиони евра за еден MW инсталирана моќност, или дупло повеќе од реалната цена. Односно, вкупната вредност на гасна централа за производство на електрична енергија, со инсталирана моќност од 200 MW, по реални цени чини 160 милиони евра, додека во случајов на Владата ќе чини 380 милиони евра“, посочуваат од Левицата.
Тие прашуват кој ќе се офајди со остатокот, односно со 220 милиони евра.
Додаваат дека нивната партија е против инвестирање во вакви капацитети надвор од Македонија.