Додека Гостивар се соочува со масовно заболување предизвикано во услови на контаминиран водоснабдителен систем, Владата на ДПМНЕ се обидува својата законска, здравствена и морална обврска да ја спакува во пластично шише, велат од Левица и истакнуваат дека флашираната вода во ограничени количества не може да ги покрие поттребите
Партијата бара итна целосна мобилизација на државните капацитети – цистерни и домашна достава на исправна вода, средства за лична и просторна хигиена, дополнителни медицински и мобилни екипи, бесплатна терапија според стручна процена, санитарна дезинфекција, лабораториски надзор.
„Обезбедувањето флаширана вода е неопходна прва помош, но никако не претставува целосен одговор на државата. Тоа е најелементарната интервенција во момент кога граѓаните останаа без основниот предуслов за живот, здравствено исправна вода. Палетите пред камерите не можат да ги заменат мерките што Владата со закон е должна да ги организира, финансира и спроведе“, велат од партијата.
Додаваат дека гостиварци немаат потреба само од вода за неколку чаши дневно, туку исправна вода за подготвување храна, миење садови, одржување лична хигиена, нега на деца, стари лица, болни и неподвижни членови на семејствата.
„Затоа Владата мора да распореди доволен број цистерни со контролирана, здравствено исправна вода во сите населби, а не само на неколку централни пунктови. Мора да воспостави јасен распоред, непрекинато снабдување и директна достава до домовите на старите, болните, лицата со попреченост и семејствата што немаат превоз или физичка можност да носат десетици литри вода. Потребно е бесплатно да се обезбедат средства за хигиена и соодветни дезинфекциски препарати за раце и површини во здравствените установи, градинките, јавните објекти, колективните сместувања и за домаќинствата што не можат сами да ги купат“, велат од Левица.
Партијата додава дека Владата треба да испрати дополнителни медицински екипи во Гостивар како и да обезбеди бесплатни лекови за пациентите.
„Неприфатливо е семејство со повеќе заболени членови, поради пропуст на јавниот систем, секојдневно да остава значителни средства во аптеките. Граѓаните веќе ја платиле оваа катастрофа со сопственото здравје. Не смеат дополнително да ја плаќаат и терапијата за нејзините последици. Потребна е и организирана дезинфекција според епидемиолошка процена на местата со зголемен ризик: здравствени установи, санитарни јазли, градинки, јавни објекти и простории во кои престојуваат поголем број луѓе. Истовремено мора да се воспостави непрекинат санитарен и лабораториски надзор над водоводниот систем: мостри од повеќе точки, јавно објавени резултати, испирање и дезинфекција на цевководите и јасни критериуми според кои водата повторно ќе биде прогласена за безбедна“, велат од Левица.
Обвинија дека Владата на ДПМНЕ не ја презема кризата како сериозен државен проблем. „Таа се однесува како гостин во сопствената држава – ќе донесе вода, ќе даде изјава, ќе ја префрли вината на локалното претпријатие и ќе си замине. Не, господа од ДПМНЕ. Ваша обврска не е само да ја изгаснете жедта пред камерите. Ваша обврска е да го спречите ширењето на заболувањето, да ги обезбедите условите за хигиена, да ги зајакнете медицинските капацитети, да ја покриете неопходната терапија, да стигнете до секое ранливо домаќинство и да воспоставите безбеден водоснабдителен систем“, се наведува во соопштението.
Текстот Левица бара итна мобилизација на државните капацитети и бесплатна терапија за болните е превземен од МАКФАКС.






