Левица: Најавените реформи се со цел до крај да го расформираат разнишаниот образовен систем

пред 3 години

Место да реформираат, најавените реформи се со цел до крај да го расформираат разнишаниот образовен систем, велат од Левица.

Партијата смета дека реформи во основното образование се повеќе од потребни и повеќе од очигледно е дека постојниот модел на образование е нефункционален и непродуктивен.

„Но, какви реформи очекуваат граѓаните, а што им се нуди со најавените реформи? Граѓаните очекуваат поквалитетно и помалку оптоварувачко образование, односно такво образование кое ќе им помогне на нивните деца да се оформат во личности подготвени да чекорат длабоко во дваесет и првиот век, држејќи чекор со остатокот од развиениот свет, а во склад со личните афинитети и квалитети. Место тоа им се нудат инстант- реформи, кои како алиби и штит го користат изговорот дека се креирани според финскиот образовен модел. Не може да се спроведуваат реформи со градење Потемкинови села на хартија, без претходна сериозна евалуација на состојбите, можностите и потребите“, се наведува во соопштението.

Од таму велат дека визијата за иднината на актуелната власт, судејќи според најавените реформи е мачна и мрачна.

„Според нивната визија децата, т.е утрешните возрасни, треба да се дехуманизираат, да им се убие секој зрак индивидуалност и самосвест, да располагаат единствено со скудни и ограничени на практичната сфера на живеење знаења, да бидат, едноставно кажано, некој вид самоодржливи машини кои функционално ќе се впрегнат во исполнување на желбите и потребите на капиталистичкиот господар. Покрај ова реформите докрај ја манифестираат намерата за бришење на националниот идентитет. Истата беше најавена со бришење на химната на Македонија од наставните програми по Музичко образование минатата година, за сега да се манифестира во целост преку исфрлање на предметот Историја и обезличување на историските содржини преку нивно сместување во рамки на Општествени науки“, смета Левица.

Од таму велат дека со сите средства ќе се борат против ваквото обезглавување на образованието.

„Нашата заложба е заложба за реформи, но не по мерка на капиталот, туку во функција на сеопфатен развој на личноста и индивидуалните афинитети и квалитети на секој поединец без оглед на материјалната положба. Образованието е човечко право и не смее да биде привилегија на повластен слој“, се наведува во соопштението.

Share
Scroll to Top