Од партијата Левица апелираат до власта, „пописот да биде итно прекинат“.
„Откако група програмери укажаа на низа пропусти и недостатоци на апликацијата за попис на дијаспората, кој започна на 1 март, првиот човек на Државниот завод за статистика , наместо сериозно да се зафати со решавање на недостатоците на системот, тој повторно во стилот на власта, им се закани на граѓаните со затворски казни“, реагираат од Левица .
Според Левица, „аматеризмот во изведувањето на најзначајната статистичка операција се гледа и во тоа што, за попишување на населението надвор од границите по електронски пат, работата е доверена на бугарска компанија Скејлфокус, и тоа како донација“.
Ова како што укажуваат од партијата е направено „без организиран тендер со јасно дефинирани критериуми кои ќе ја гарантираат безбедноста на процесот“.
„Потсетуваме дека овој Закон за попис, Левица го оспори пред Уставен суд поради неколку причини: прво поради тоа што спроведувањето попис во време на пандемија е сулудно, особено во состојба кога Владата нема набавено ниту една единствена вакцина“, информираат од партијата.
Според Левица Законот ја повредува приватноста, тајноста и сигурноста на личните податоци.
Од оваа партија предупредуваат дека резултатите од ваквиот попис ќе бидат „груб фалсификат и истите ќе бидат искористени единствено во служба на легитимирање на дополнителните политики кои власта ги планира, а со кои системски и намерно државата се води кон дезинтеграција“.