Република Северна Македонија денеска беше избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации (ЕКОСОК) за мандатниот период 2027–2029 година, соопшти министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
„На гласањето што се одржа во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, кандидатурата на Република Северна Македонија доби поддршка од 174 држави членки. Станува збор за историски успех на македонската дипломатија, бидејќи за првпат од независноста државата ќе биде членка на едно од главните тела на системот на Обединетите нации“, рече министерот.
Муцунски истакна дека ова е уште една потврда за кредибилитетот и активната улога на државата во мултилатералната дипломатија.
„Ова е успех на македонската дипломатија. Успех на посветеност, на доверба и на работа која често се одвива далеку од очите на јавноста, но носи конкретни резултати. Ова е дипломатски успех кој не се мери само со изборот, туку и со довербата што стои зад него“, истакна Муцунски.
Тој посочи дека изборот во ЕКОСОК претставува уште еден значаен чекор во зајакнувањето на присуството на државата во мултилатералните процеси, по членството во Советот за човекови права на Обединетите нации и Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје.
Членството во ЕКОСОК ќе овозможи поактивно учество на државата во глобалните дебати и процеси поврзани со економскиот и социјалниот развој, одржливиот развој, хуманитарните прашања и човековите права, како и дополнително зајакнување на нејзината меѓународна видливост и кредибилитет.
Економскиот и социјалниот совет е еден од шесте главни органи на Обединетите нации и има централна улога во координацијата на економските, социјалните и развојните политики во рамките на системот на ОН.
Текстот Македонија избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации – ЕКОСОК е превземен од МАКФАКС.




