Македонија и Србија ја потврдија определбата за напредок во евроинтеграциите и добрососедска соработка

пред 2 години

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, се сретна со Никола Селаковиќ, министер за надворешни работи на Република Србија.

На состанокот се потврдени пријателските односи помеѓу двете држави и двата народа и е констатирано интензивирање на соработката, посебно на економски план во последниве две години.

Изразена е определба од двете страни за напредување и на Северна Македонија и на Србија во процесот на евроинтеграциите.

Премиерот Ковачевски соопшти дека тој и Владата се фокусирани на економскиот развој на државава, на успешно надминување на актуелните предизвици, како што е енергетската ситуација и истовремено се работи на исчекорот во делот на евроинтеграциите.

„Веруваме во целите и работиме да се остварат, преку принципиелни и достоинствени политики и работа на потребните реформи на домашен план, како што се реформите во правосудството, коишто се во значаен дел усогласени со европското законодавство“, рече премиерот Ковачевски.

На состанокот е заеднички оценето дека иницијативата Отворен Балкан е придонес во регионалната соработка на државите, преку имплементацијата на европски вредности во регионот, а придонесува кон продлабочување на соработката, со отворање можности за поголема регионална конкурентност на европскиот пазар и на други светски пазари и во делот на привлекувањето странски инвеститори.

Значењето на добрососедските односи е посебно нагласено и како важно во сочувување на стабилноста и мирот во регионот и во Европа.

На средбата е разговарано и за актуелната ситуација во Украина, пришто е пренесен ставот на Република Северна Македонија, како членка на НАТО, за поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

На состанокот е пренесена покана од претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, до премиерот Димитар Ковачевски, за посета на Белград.

Ковачевски, се заблагодари за пријателската соработка и помош од Република Србија за време на пандемијата и оцени дека споделената посветеност кон унапредувањето на односите меѓу двете држави е важна за граѓаните на двете земји.

Share
Scroll to Top