На состанок со шефовите на мисии на земјите членки на ЕУ, првиот заменик претседател на Владата и Министерот за европски прашања, Беким Сали, го презентираше напредокот во спроведувањето на Реформската агенда 2024–2027.
Од вкупно 21 доставен реформски чекор, за 16 се очекува позитивна оценка, со што би се овозможило ослободување на околу 70 милиони евра финансиска поддршка, информираат од кабинетот на Сали.
Беше истакнат напредокот во клучните области како управување со јавни финансии, енергетска транзиција, човечки капитал и деловна средина, кои придонесуваат за подобро управување и усогласување со ЕУ стандардите.
Истовремено, беше нагласено дека остануваат предизвици, особено во делот на сложените законски реформи и чекорите во рамки на грејс периодот. Владата ја интензивира координацијата и соработката со Европската комисија.
„Реформската агенда значи конкретни резултати за граѓаните и зајакнување на довербата во институциите“, истакна Сали.
Текстот Македонија со значителен напредок во реформската агенда: Сали го презентираше напредокот пред амбасадорите на ЕУ е превземен од МАКФАКС.





