Македонска асоцијација на издавачи (МАИ) изрази незадоволство од резултатите од Годишниот конкурс за финансирање проекти од областа на литературата и издавачката дејност на Министерството за култура.
Меѓу забелешките од здружението, кое ги претставува интересите на речиси половина од македонските издавачи, се нееднаква распределеност на средствата, фаворизирање на одредени издавачки куќи итн.
Забелешките на МАИ во продолжение:
1. Минатата година Министерството за култура од МАИ побара да доставиме наши насоки во однос на критериумите за бодување на проектите во областа на издаваштвото. За жал, дел од насоките на МАИ во однос на критериумите, како големина на правниот субјект, присуството и поставеност на пазарот, годините на постоење и бројот на претходно објавени дела не се земени предвид во бодувањето.
2. Видлива е нерамномерна распределба на средства и одобрен број на проекти по издавачи, со очигледно фаворизирање на одредени издавачки куќи, што е хроничен проблем со годишната програма.
3. Постои нееднаква распределба на средствата – одобрените суми многу варираат, а особено зачудува што преводната литература добива поголеми износи во однос на оригиналните дела. Со тоа се поставува прашањето дали повеќе се вреднува трудот на преведувачите отколку на авторите. Ние сметаме дека ако остане системот со бодување, авторските дела треба да носат повеќе бодови и да имаат апсолутна предност пред преводната литература. Просекот на одобрени средства оваа година е на страната на преводите – а тоа не смее да биде случај.
4. Ова погоре ја наметнува потребата да се изготви референтен документ со суми по авторски табак (или страница, сеедно), кој би им овозможил на издавачите да направат точна пресметка и конечно да знаат колку Министерството плаќа за одреден проект.
5. Бодувањето остава многу простор за субјективно доделување, што е најголема забелешка. Во многу случаи се одбивани авторски дела на млади автори и преводи на капитални дела од врвни преведувачи, а поддржани се многу преводи од помлади и неафирмирани преведувачи, зад кои често стојат издавачи кои немаат речиси никаков пласман на своите изданија на пазарот.
6. МАИ бара да се прават исклучоци во однос на бројот на проекти со кои може да учествува еден автор или преведувач. Конкретно, ова се однесува на преводите од македонски на албански јазик за кои има поголем интерес, а има само неколку квалитетни преведувачи.
7. Последната забелешка се однесува на доцнењето на резултатите. Поради промените на раководството во Министерството и оваа година резултатите беа објавени во средината на февруари, најмалку еден месец по законскиот рок за објавување, што издавачите ги става во незавидна положба во однос на времето потребно за реализација на проектите и месечните планови за издавачката продукција.
Помеѓу членките на МАИ видлива е сè подолготрајната и подлабока разочараност од немањето слух на Министерството за култура за најважните прашања, како што е јасниот систем на бодување со земени предвид сите важни критериуми. МАИ активно ги изложува своите ставови со цел да ја избегнеме замката за влегување во апатија и нереагирање на пропустите, нешто што ние како издавачи и претставници на културната јавност не смееме да си го дозволиме.