Македонски Концепт бара резолуција за осуда на комунизмот и закон за забрана на неговите симболи

Македонски Концепт бара резолуција за осуда на комунизмот и закон за забрана на неговите симболи

пред 2 дена

Централниот комитет на Македонски Концепт повика на донесување Резолуција за осуда на комунизмот и Закон за забрана на комунистичките симболи и тоталитарната идеологија, наведувајќи дека вакви чекори веќе презеле Полска и Чешка, кои со закон ја изедначиле комунистичката со нацистичката пропаганда.

Од партијата посочуваат дека тие земји претставуваат патоказ за целосна интеграција во Европската Унија и сметаат дека исто законско решение треба да донесе и Македонија. Како прв чекор се предлага усвојување резолуција во Собранието, а потоа и закон со кој, како што наведуваат, би се затворила правната празнина што овозможувала глорификација на тоталитарен режим.

Во соопштението се наведува дека со законското решение би се спречиле, како што велат, обидите за рехабилитација на комунистичкото минато и негова политичка злоупотреба. Македонски Концепт бара криминализација и забрана на јавната употреба на комунистички симболи, како и третирање на говори и собири кои поттикнуваат омраза или сузбивање на човековите права на ист начин како и нацистичката идеологија.

Дополнително, од партијата бараат забрана за финансирање движења и политички субјекти кои, според нив, промовираат тоталитарни идеи, како и официјално признавање на криминалите извршени од комунистичкиот режим во Македонија. Во текстот се споменува и барање за конфискација на економските и политичките привилегии стекнати во периодот на тој режим.

Од Македонски Концепт оценуваат дека тврдењата на левичарските структури оти ваквите иницијативи се напад врз демократијата претставуваат, како што наведуваат, избегнување на соочување со минатото, додавајќи дека демократијата се заштитува со јасно разграничување меѓу политички дијалог и глорификација на тоталитарни режими.

Текстот Македонски Концепт бара резолуција за осуда на комунизмот и закон за забрана на неговите симболи е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top