Максим Димитриевски: Прагматично зголемување на минималната плата и цврста линија за ЕУ и уставните измени

Максим Димитриевски: Прагматично зголемување на минималната плата и цврста линија за ЕУ и уставните измени

пред 2 часа

Претседателот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски, оцени дека минималната плата треба да се зголеми, но тоа да се направи врз основа на договор меѓу работодавачите и синдикатите, водејќи сметка за реалните економски параметри и глобалната економска криза.

„Минималната плата е ниска и треба да оди нагоре, но одлуката мора да биде прагматична.“ – истакна тој.

Говорејќи за надворешната политика, Димитриевски посочи дека Република Македонија треба да остане доследна на своите стратешки партнери, Соединетите Американски Држави, како и на определбите за членство во НАТО и Европската унија. Тој оцени дека конфликтот на Блискиот Исток нема брзо да заврши и дека земјата треба да води прагматична политика.

Во однос на уставните измени, Димитриевски нагласи дека ставот на ЗНАМ останува непроменет – внесувањето на Бугарите во Уставот треба да биде со гаранции и со одложено дејство, по ратификацијата за членство во ЕУ.

„Имаме принципиелен став и додека се почитува, ќе даваме поддршка на владата“ – рече тој, додавајќи дека решението треба да се бара во дијалогот меѓу Скопје и Софија со посредство на ЕУ.

На прашањето за можноста за предвремени парламентарни избори, Димитриевски истакна дека ЗНАМ е подготвена, но одлуката ја носи премиерот и најголемата парламентарна партија. Тој нагласи дека ЗНАМ нема да поддржи влада во која ќе учествува, како што рече, „нереформиран ДУИ“ и додаде дека партијата е задоволна од работата на своите министри, најавувајќи дека за евентуални промени ќе одлучуваат партиските органи.

На крајот, Димитриевски потенцираше дека Движењето ЗНАМ останува доследно на своите принципи, реформската агенда и заштитата на националните интереси, нагласувајќи дека партијата ќе продолжи да делува одговорно, со јасни позиции и подготвеност за политички одлуки во интерес на граѓаните и државата.

Текстот Максим Димитриевски: Прагматично зголемување на минималната плата и цврста линија за ЕУ и уставните измени е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top