Манолева за Леонид Индов: Родителите немаат побарано мислење дали е можно лекувањето или рехабилитацијата да се заврши кај нас

Манолева за Леонид Индов: Родителите немаат побарано мислење дали е можно лекувањето или рехабилитацијата да се заврши кај нас

пред 9 месеци

Иако семејството на 18-годишниот Леонид Индов покажа конзилијарно мислење во кое стои дека во земјава се исцрпени сите можности за негово лекување, денес заменик – министерката за здравство Маја Манолева вели дека родителите воопшто не побарале никакво мислење од соодветна институција за можноста лекувањето или рехабилитацијата да се завршат кај нас. Фондот за здравствено осигурување даде негативно мислење за лекувањето во странство на Индов со образложение дека одел на рехабилитација, а не на лекување, а Фондото нема начин да покрие такви трошоци. Индов со хеликоптер и медицински тим од Скопје на 6 февруари беше испратен на лекување во Австрија кое чини 300.000 евра.

„За детето за кое и вчера и денес се дискутира, родителите воопшто немаат побарано никакво мислење од соодветна институција за можноста или неможноста за завршување на лекувањето односно за рехабилитација на тоа дете во нашите установи. Сметам дека треба прво да се изоди тој пат и дури потоа да кажеме да ја прегледаме целата медицинска документација, да го видиме клинички пациентот и дири потоа стручниот колегиум на соодветните клиники да даде свое мислење и да каже дали има или нема можност за продолжување на лекувањето или на рехабилитацијата во нашите институции“, рече заменик – министерката Манолева.

Индов замина во Австрија откако со донации родителите собраа половина од потребната сума оти очекуваа дека другата половина ќе ја покрие Фондот за здравствено осигурување. Донациите беа јавни, а јавно беше организиран и транспортот во Австрија. На прашањето зошто немо го гледале сето тоа заменик – министерката Манолева одгвори дека имала контакт со семејството.

„Јас уште не можам да се сетам кој период беше точно, сигурно има неколку месеци, имав средба со родителите на која им образложив каков треба да биде патот на детето, не како заменик – министер туку како специјалист од областа. Не е точно дека не сме се заинтересирале и дека не сме овозможиле ништо досега. Одлуката беше нивна, не можете да влијаете на ничија одлука да го бара она што смета дека е најдобро за некого. Јас апсолутно ги поддржувам и се уште стојам на располагање на родителите за секаква помош која што би можела да ја укажам и лично како лекар и како заменик – министер, но и како специјалист по физикална медицина и рехабилитација“, вели Манолева.

Министерството за здравство ќе анализира дали се потребни измени на Правилникот на Фондот за здравствено осигурување или пак законски измени за да се обезбедат потребните средства за Индов, но и за други пациенти кои би биле во слична состојба.

Минатата година на патување во Грција 18 – годишното момче ги повреди третиот, четвртиот и петтиот пршлен, му беа направени неколку операции, но се уште дише на апарати, не може да ги движи рацете и нозете и неопходна му е респираторна терапија, говорна терапија и стимулација на дијафрагмата за враќање на респираторната функција за да му се подобри состојбата. Лекарите кои дале конзилијарно  мислење укажале дека се исцрпени сите можности за лекување кај нас.

Денес целосно објаснување за негативното мислење на негативното мислење за 18-годишното момче најави дека ќе даде и Фондот за здравствено осигурување.

Текстот Манолева за Леонид Индов: Родителите немаат побарано мислење дали е можно лекувањето или рехабилитацијата да се заврши кај нас е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top