Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, заедно со КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, Сава пензиско друштво АД Скопје и Триглав пензиско друштво АД Скопје, го одбележа 15 Септември – Денот на пензиска свесност, со настан посветен на финансиската и пензиската писменост на младите, одржан во Средното економско правно училиште Васил Антевски Дрен – Скопје.
Денот на пензиска свесност е посветен на подигнување на свеста за значењето на пензиското штедење и важноста навреме да се размислува за финансиската иднина. Особено значајно е младите уште од најрана возраст да стекнуваат знаења и навики кои ќе им помогнат во носењето информирани и одговорни финансиски одлуки.
Во рамки на одбележувањето, МАПАС и Средното економско правно училиште Васил Антевски Дрен потпишаа Меморандум за соработка, со кој се воспоставува уште посилна врска меѓу образованието и практиката. Соработката предвидува практична настава, учење преку работа, реализација на феријална практика, едукативни посети, како и презентации, предавања и работилници од областа на финансиската писменост, пензискиот систем и капитално финансираното пензиско осигурување.
Обраќајќи им се на присутните, претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Ремзи Бајрами, истакна дека пензиската свесност не треба да се поврзува само со периодот пред пензионирањето, туку со начинот на кој уште од младоста се планира сопствената финансиска иднина.
Тој посочи дека во услови на брзи општествени, економски и технолошки промени, финансиското знаење претставува важна животна вештина и дека младите треба да бидат охрабрени да се информираат, да поставуваат прашања и да донесуваат финансиски одлуки врз основа на знаење и разбирање.
МАПАС останува посветен на континуираното унапредување на финансиската и пензиската писменост и на создавањето можности младите навреме да се запознаат со пензискиот систем, своите права и значењето на долгорочното финансиско планирање.
Текстот МАПАС и пензиските друштва го одбележаа 15 Септември – Денот на пензиска свесност е превземен од МАКФАКС.




