Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска на Меѓународниот аеродром Скопје, го пречека потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешни работи, Жозеп Борел, заедно со Шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.
Вицепремиерот Маричиќ му посака добредојде на Борел и успешни средби што ќе ги оствари со највисоките државни претставници во текот на утрешниот ден.
„ Оваа балканска турнеја која потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешни работи, Жозеп Борел, ја започнува токму од Скопје, е добар сигнал дека ние и регионот остануваме во фокусот на Европската Унија. Во пресрет на утрешниот заеднички состанок со премиерот Ковачевски, покрај другите точки очекувам ќе разговараме за украинската криза и за нашата регионална соработка којашто е препозаена како извор на стабилност и безбедност, како и за заложбите за брза европска интеграција на Западен Балкан кон Европската Унија, во што е можно побрзи рокови, напиша вицепремиерот за европски прашања Маричиќ на својот фејсбук профил.
Ова е прва официјална посета на Борел на Северна Македонија, како висок претставник на ЕУ, во чии рамки ќе оствари средби со со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, министрите за надворешни работи и одбрана, Бујар Османи и Славјанка Петровска.