Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, одржаа координативен онлајн состанок со Секторска работна група за програмирање на Инструментот на ЕУ за претпристапна помош (ИПА) во областа на конкурентност и иновациите за периодот 2021-2027 година.
Маричиќ, на состанокот ја потенцираше важноста приоритети и планирање на проектите да бидат базирани врз главниот стратешки документ и на овој начин да се насочи донаторската координација во служба на националните приоритети, вклучително и процесот на интеграција во ЕУ во целина, акцентирајќи ја потребата од учеството на граѓанските организации на состаноците на Секторските работни групи.
„Мора да имаме координација во планирањето и одредувањето приоритети на стратешко ниво, со цел да обезбедиме комплементарност и синергија на помошта од донаторите и што е најважно да избегнеме дуплирање на помошта. За ова мора да ги имаме предвид реформите поврзани со интеграцијата во ЕУ, планирани во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, како сеопфатен национален стратешки и програмски документ за водење на процесот на европска интеграција, како и Националниот план за развој кој е во тек и Програмата за економски реформи“, посочи Маричиќ.
Битиќи, рече дека имаат специфична задача, да дефинираат што е најважно за секторот за следните години и што ќе се финансира на среден период со најдобри ефекти, за што ги повика сите чинители од јавниот сектор, приватниот сектор, заедницата на граѓански организации, донаторската заедница и секако Европската комисија, да земат учество во градењето општествен консензус и да ги здружат напорите и ресурсите за заеднички да го постигнат најдоброто за нашата земја.
„Стратешкиот одговор на Северна Македонија за периодот 2021 – 2027 година за прозорецот 4 кој опфаќа конкурентност и инклузивен раст и поконкретно Тематскиот приоритет 2 кој се однесува на развојот на приватниот сектор, трговија, истражување и иновации утврдува три цели преку кои земјата треба да се подготви за европскиот внатрешен пазар, да се подобри регулаторната и институционалната рамка за деловно работење и инвестиции, да се зголеми конкурентноста на претпријатијата, да се зајакне извозот и диверзификацијата, интернационализацијата на економијата, а истовремено да се одговори на предизвиците на циркуларната економија/зелената економија, а се тоа преку зајакнато истражување, технолошки развој и иновации“, истакна Битиќи.