Заменик претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ денес се сретна со австрискиот европратеник Кристиан Садгардс, во рамки на неговата мини- турнеа низ земјите од Западен Балкан.
Во фокусот на разговорот беше неодамнешната посета на вицепремиерот Маричиќ во Париз и Брисел, како и политичкото расположение во земјава за дијалогот со Бугарија.
Европратеникот Сагардс изрази задоволство и очекување дека соработката помеѓу Северна Македонија и Бугарија за надминување на отворените прашања ќе даде резултат, бидејќи има свежа сила и мотивација во двете нови влади. Вицепремиерот Маричиќ посочи и дека очекува принципиелна и објективна соработка од страна на опозицијата за процесот бидејќи овие прашања се прашања од национален интерес и сите политички чинители во земјава треба да бидат вклучени и да дадат свој придонес.
Во продолжение на средбата вицепремиерот Маричиќ на европратеникот Сагардс му ги предочи приоритетите и целите кои си ги има поставено и лично, но и на Секретаријатот за европски прашања во претстојниот период за подготовка на преговарачката структура, напредок во клучните области како владеење на правото, борбата против корупцијата, заштита на животната средина и спроведување на зелената агенда, како и подобрување на апсорпцискиот капацитет за искористување на европските фондови.
Европратеникот Сагардс изрази поддршка за реформите кои оваа Влада ги спроведува, истакнувајќи дека интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, но и на целиот Западен Балкан е од интерес и на Австрија и на Унијата и стартот на преговорите не треба да се одложува. Вицепремиерот Маричиќ изрази уверување дека новиот состав на Владата има капацитет и е подготвен да продолжи со спроведувањето на зацртаните европски реформи, со целосна посветеност на испорачување резултати, пред сè кон граѓаните.