МВР за две недели поднесе 21 кривична пријава за семејно насилство, изречени пет притвори

МВР за две недели поднесе 21 кривична пријава за семејно насилство, изречени пет притвори

пред 23 часа

Министерството за внатрешни работи во последните две недели поднесе 21 кривична пријава за вкупно 25 кривични дела поврзани со семејно насилство, од кои шест пријави се поднесени по брза постапка.

Како што соопшти МВР, на подрачјето на СВР Скопје се поднесени и пет кривични пријави за родово базирано насилство, од кои три за „загрозување на сигурноста“ и две за кривичното дело „демнење“.

Во овие случаи се изречени пет мерки притвор, како и една мерка на претпазливост на подрачјето на СВР Скопје.

Според МВР, најголемиот дел од регистрираните кривични дела во врска со семејно насилство се „загрозување на сигурноста“ – 11 случаи, како и 10 случаи на „телесна повреда“.

Регистрирани се и по една кривична пријава за „тешка телесна повреда“, „неизвршување судска одлука“, „противправно лишување од слобода“, „обид за убиство“ и „полов напад и силување“.

За случајот „обид за убиство“ во Скопје од пред неколку дена, сторителот е лишен од слобода и се преземаат интензивни мерки за целосно документирање на настанот и поднесување соодветна кривична пријава.

Во однос на распределбата по сектори за внатрешни работи, СВР Скопје поднело пет кривични пријави, СВР Куманово две, СВР Штип три, СВР Охрид четири, СВР Струмица пет, додека по една пријава поднеле СВР Тетово и СВР Велес.

Во наведениот период од две недели на територијата на целата држава се пријавени 39 настани поврзани со кривични дела од семејно насилство, како и 63 поплаки во врска со семејно насилство.

Од МВР посочуваат дека во споредба со претходните години, во 2025 година се бележи тренд на зголемување на бројот на изречени мерки притвор во рамки на кривичните пријави поднесени по брза постапка, тренд кој продолжува и во 2026 година, особено по законските измени.

Текстот МВР за две недели поднесе 21 кривична пријава за семејно насилство, изречени пет притвори е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top