Министерството за внатрешни работи ги отфрла обвинувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека полицијата координирано следела и малтретирала членови на ВМРО-ДПМНЕ.
„Категорично ги отфрламе како невистинити сите обвинувања за наводно „координирано следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе”. Во јавноста не е изнесен ниту еден доказ ниту дека тоа се договарало, ниту дека МВР на било кој начин е дел од таква наводна операција, ниту пак дека тоа реално се случувало“, велат од МВР.
ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека полицајци блиски до Социјалдемократскиот сојуз одработувајќи за оваа партија, формирале злосторничка група за време на изборната кампања чија цел е следење на членови на ВМРО-ДПМНЕ и злоупотрeба на службените овластувања, со цел физичко, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, малтретирање и селективно попречување на слободата на движење на луѓе кои не се од Социјалдемократскиот сојуз.
„Групата од над четириесетина полицајци се координирала на апликацијата вибер. Во таа група именувана „ХХХ“ според она што досега го идентификувавме има началници, полициски командири и полицајци во улога на партиски извршители. За изборите било договарано, следење, малтретирање и шиканирање на луѓе од ВМРО-ДПМНЕ. Во групата членувале и командирот на ОВР Прилеп – Дарко Цуцулоски, заменикот командир – Ванеса Колашинац, началникот на НККР Прилеп – Емилија Велкоска, како и Кире Китаноски кој е личен шофер на советникот на министерот Спасовски – Оливер Лукароски, кој според конверзацијата во групата е главниот налогодавец“, изјави Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Од МВР велат дека не постои таква вибер група и дека активностите на МВР и во Прилеп и во било кој друг град не се координираат преку вибер групи.
Во исто време, велат од МВР, после направена проверка на статистиката за возила испратени на технички преглед, информираме дека тој ден во Прилеп нема испратено возило на технички преглед, ниту пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле.
„МВР веднаш започнува внатрешна истрага за утврдување на фактите, имајќи предвид дека вибер групи или графички прикази од вибер групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого, и имајќи предвид дека до МВР не е пристигната ниту една пријава од граѓанин за дејствија во Прилеп на денот на изборите какви што беа презентирани на прес – конференцијата“, се наведува во соопштението.