Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, информираше дека Општината започна со конкретни чекори за создавање заедничка платформа за превенција и справување со врсничкото насилство во училиштата во Чаир.
Платформата ќе ги обедини Општината, училиштата, психолозите и стручните служби, наставниците и родителите, со цел да се воспостави координиран и долгорочен пристап. Во нејзини рамки се предвидуваат едукативни активности, директна работа со учениците и родителите, како и зајакнување на механизмите за превенција, навремено препознавање и справување со случаите на насилство.
„Безбедноста и благосостојбата на нашите деца бараат многу повеќе од реакција по одреден инцидент. Потребни се превенција, едукација и заедничко дејствување. Сакаме да дејствуваме пред да се случи насилството, а не само да реагираме на неговите последици. Секое дете има право да се чувствува безбедно, почитувано и заштитено во своето училиште, а одговорноста за тоа е заедничка“, изјави Меџити.
Општина Чаир, додаваат од таму, преку оваа платформа има за цел да воспостави покоординиран систем меѓу сите вклучени страни, ставајќи ги превенцијата, безбедноста и благосостојбата на децата во центарот на институционалното дејствување.
Текстот Меџити: Започнуваме заедничка платформа за превенција на врсничкото насилство во училиштата во Чаир е превземен од МАКФАКС.




