Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање г. Изет Меџити денеска потпиша договор за грант од 3 милиони евра со директорот на Канцеларијата на ЕБОР во Скопје, Матео Коланџели,наменети за процесот на собирање отпад во земјата.
Меџити рече дека со овој грант се очекува да се олесни процесот на собирање отпад и да придонесе за развој кон следната фаза, односно рециклирање на отпадот.
„Потпишувањето на Договорот значи помош за институционална поддршка и корпоративно управување, за забрзување и олеснување на процесот на собирање отпад во државата и преминување во следната фаза на рециклирање и решавање на овој долгогодишен проблем на нашите граѓани во државата“, рече Меџити.
Директорот на ЕБОР, Матео Коланџели, истакна дека животната средина во Западен Балкан е главниот фокус на Европската банка за обнова и развој, нагласувајќи дека ова е прва инвестиција од ваков вид.
”Ова е прва инвестиција од ваков вид, каде 45 општини од различни региони во државата се опфатени со поддршка во управувањето со цврстиот отпад, а директно ќе имаат бенефит повеќе од еден милион луѓе. Навистина сме горди на она што го правиме заедно со нашите партнери и фокусирани сме на ефикасна и брза реализација на оваа инвестиција“, рече Коланџели. Тој додаде дека фокусот на ЕБОР е животната средина во Западен Балкан, вклучително и во нашата земја, така што во иднина ќе се работи многу со оваа тема, за зајакнување на капацитетите на Северна Македонија во рамките на стратегијата што се подготвува за следните 5 години.
Амбасадорката на Швајцарија во земјава, Вероник Улман, истакна дека со овој грант граѓаните директно ќе можат да ги видат придобивките, нагласувајќи дека чекорите што ќе бидат преземени ќе бидат целосно безбедни и во согласност со прописите и законодавството на Европската Унијата.
„Швајцарија навистина придонесува за развојот на животната средина, ќе бидат опфатени региони, каде граѓаните ќе можат да ги видат придобивките и дека навистина правиме нешто за тоа. Кога патувам низ вашата прекрасна земја, луѓето многу често велат дека треба да направиме нешто за ова, и сега е време. Затоа Швајцарија одлучи да помогне и да придонесе за развојот на животната средина во овие региони, рече Улман.
Текстот Меџити: Ќе изградиме интегриран систем за управување со отпад за полошкиот и пелагонискиот регион е превземен од МАКФАКС.