МЗ,УНИЦЕФ и СЗО: Да се делува за да се спречи можна зараза со морбили

пред 2 години

Министерот за здравство, Беким Сали, на денешната заедичка прес-конференција со со претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани и стручното техничко лице на СЗО за имунизација, Горан Кочински ги презентираше најновите податоци за опфатот со редовните вакцини за деца, нагласувајќи дека навремената заштита е клучна, особено за новороденчињата и децата од предучилишна возраст. Информираше дека иако изминатиот период заради пандемијата со Ковид-19 здравствениот систем се соочуваше со бројни предизвици и во дел од вакциналните пунктови се врши и вакцинација против Ковид, паралелно се одвива и редовната вакцинација, согласно Календарот за имунизација.

-Податоците покажуваат дека во текот на 2020 години се бележи исклучително низок опфат со МРП вакцината, 63% за прва доза и 68,5% за втората доза, на национално ниво. Министерството за здравство и здравствените установи, кои спроведуваат вакцинација, во напорите за засилување на вакцинацијата успеаjа да го зголемат опфатот во 2021 година, така што за прва доза МРП вакцина тој изнесува 70,4%, а за втората доза 80,4 отсто. За разлика од 2020 година кога во неколку општини се евидентира опфат под 50%, во 2021 година опфат под 50% се бележи само во Куманово. Во 2021 година највисок опфат со прва доза МРП се бележи во Прилеп 98%, Кочани 95,5, како и во други градови, изјави Беким Сали, министер за здравство.

Сепак овој опфат е далеку од потребниот процент од 95% вакцинирани лица за постигнување на колективен имунитет и заштита во заедницата. Најнизок опфат, во споредба со сите останати вакцини, бележи вакцината против мали сипаници, рубеола и заушки. Малите сипаници се едно од најзаразните респираторни заболувања кое може да доведе до тешки, понекогаш и трајни компликации од типот на пневмонија, оток на мозокот, хоспитализација и смрт. Особено се опасни за деца под 5 години.
-Иако најновите стапки, од 2021 година, ветуваат подобрувања во споредба со 2020 година, ова не е доволно добро. Најалармантен е националниот опфат со вакцината против мали сипаници, рубеола и заразни заушки (МРП1) за деца на возраст од 12 месеци, што изнесува 70,4% на национално ниво и втората доза на МРП вакцината, наменета за деца на возраст од 6 години, која е 80,4% на национално ниво. Овие стапки се значително пониски од опфатот во 2018 година (МРП1 – 74,8% и МРП2 – 93,8%) кога земјата се соочи со епидемија на мали сипаници, која предизвика 4 смртни случаи на деца на возраст од 5,5 до 13 месеци, сите невакцинирани со МРП вакцината. Ниските стапки на рутинска имунизација предизвикуваат загриженост дека појавата на епидемија на морбили е можна и не смееме да чекаме да се случи за да реагираме, изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Постои одредена резерва кон МРП вакцините, која е резултат на агресивните дезинформации кои беа побиени со аргументи. Исто така, иако пунктовите за имунизација беа достапни за време на пандемијата КОВИД-19, имаше одредени проблеми што придонесоа за намалени стапки во текот на 2020 година. На пример, затворањето на училиштата доведе до доцнење во организирањето на систематските здравствени прегледи и групната имунизација, ресурсите се пренасочија кон задоволување на потребите на вакцинацијата против КОВИД-19.

-Пандемијата на КОВИД-19 претставува суров потсетник дека заразните болести предизвикуваат страдање и смрт. И покрај тоа што борбата против пандемијата сè уште не е завршена, важно е да се потсетиме дека какво било нарушување на имунизацијата, макар и за краток период, носи моментален ризик по заедницата и особено по децата од болести што може да се спречат со вакцини. Кога ќе се пропуштат рутински вакцинации, расте ризикот од епидемии, изјави Горан Кочински, Стручно техничко лице на СЗО за имунизација.

Во пресрет на Светската недела на имунизацијата, Министерството за здравство и УНИЦЕФ почнуваат национална кампања со која се потсетуваат граѓаните за потребата да обезбедат заштита за нивните деца од заразните болести што се јавуваат во детството.

Share
Scroll to Top