Потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Антонијо Милошоски, учествуваше на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа, која се одржа на 26 и 27 февруари 2026 година во Будимпешта, во организација на Националното собрание на Унгарија, со учество и на парламентите од земјите на Вишеградската Група.
Во рамки на конференцијата беше усвоена Заедничка парламентарна изјава, со која се дава јасна поддршка за процесот на проширување на Европската Унија и за европската перспектива на земјите од Југоисточна Европа, нагласувајќи дека интеграцијата на регионот претставува заеднички интерес за стабилна, безбедна и посилна Европа.
Во своето обраќање на тематската сесија посветена на проширувањето, потпретседателот Милошоски истакна дека македонскиот случај во процесот на европските интеграции е специфичен, имајќи предвид дека државата направила значајни концесии и спровела видливи реформи, но и покрај тоа сè уште не го добила заслужениот почеток на преговорите со Европската Унија. Тој нагласи дека фокусот на државата останува на исполнување на целите содржани во Реформската агенда договорена со Европската комисија, како и на целосното усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како јасен показател за споделување на заедничките европски вредности. Во оваа насока, Милошоски упати благодарност до земјите од Вишеградската Група за нивната континуирана поддршка и порача дека интеграцијата на сите земји од Западниот Балкан ќе биде од взаемна корист за целата Европска Унија.
Во продолжение, потпретседателот Милошоски се обрати и на тематската сесија „Економски инвестиции и енергетска поврзаност – предизвици и можности во регионот на Југоисточна Европа“, при што истакна дека енергетиката претставува клучен елемент за економската конкурентност, регионалната стабилност и геополитичката отпорност.
На маргините на конференцијата, потпретседателот Милошоски оствари билатерални средби со:
Симон Холовнија, потпретседател на Сејмот на Република Полска, при што беше потврдена континуираната поддршка што Полска ѝ ја дава на Република Северна Македонија во процесот на зачленување во Европската унија;
Милош Вистрчил, претседател на Сенатот на Чешката Република, со кого беше истакнато дека унапредувањето на соработката меѓу земјите од Вишеградската Група и државите од Западниот Балкан е заемно корисен процес, особено во контекст на европските интеграции;
Ричард Раши, претседател на Собранието на Словачка, при што беше изразена поддршка за членството на Република Северна Македонија во Европската унија и значењето на зајакнатата парламентарна соработка.
Учеството на потпретседателот Милошоски на оваа конференција претставува дел од континуираните активности на Собранието на Република Северна Македонија во насока на јакнење на парламентарната дипломатија и промоција на европската перспектива на државата и регионот.
Текстот Милошоски на конференција на претседатели на парламенти на земјите од Вишеградската група и Југоисточна Европа во Будимпешта е превземен од МАКФАКС.






