Претседателот на Комисијата за европски прашања и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски, денеска оствари средба со нерезидентната амбасадорката на Кралството Данска надлежна за земјата, Перниле Деилер Кардел.
Главна тема на средбата беа актуелните случувања на глобалната сцена и процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, при што беа разменети мислења за предизвиците и перспективите со кои се соочува нашата земја во овој контекст. На средбата се разговараше и за тековните состојби во однос на клучните реформи во рамките на пристапните преговори и нашата заложба и посветеност како држава за надминување на предизвиците, исполнување на обврските во евроинтегративниот процес и обезбедување на негов континуитет.
Милошоски изрази благодарност за важната поддршка од Кралството Данска за нашите евроинтеграции, притоа истакнувајќи дека очекува нејзино продолжување со несмалено темпо и за време на данското претседавање со Советот на Европската Унија во втората половина на 2025 година.
Во однос на евроинтеграцискиот процес, амбасадорката Кардел истакна дека позицијата на Данска е дека Западен Балкан е добредојден во ЕУ за што, како што рече, треба да се постигнат критериумите во делот на владеењето на правото, демократијата и заштитата на човековите права.
Соговорниците разменија искуства за процесите на евроинтеграцијата и за актуелните предизвици со кои се соочува Европската Унија. На средбата беа разменети и мислења за придобивките за граѓаните од членството во ЕУ, како и за потребата од постојана промоција на овие вредности.
Текстот Милошоски се сретна со амбасадорката на Данска: „Западен Балкан е добредојден во ЕУ“ е превземен од МАКФАКС.






