Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство на Македонија ги продолжува своите активности насочени кон зелена енергетска транзиција и намалување на емисиите на јаглерод. Преку значајниинвестиции во обновливи извори на енергија и целосна гасификација на државата се создаваат услови за енергетска ефикасност и технолошки развој.
Овие активности ќе обезбедат доверлив и одржлив пристап до енергија за граѓаните и стопанството, истовремено заштитувајќи ја животната средина.
Министерката за енергетика, минерални суровини и рударство, Сања Божиновска, учествуваше како панелистка на настанот за презентација на резултатите од мониторирањето на квалитетот на воздухот во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, каде што истакна дека енергетската транзиција е приоритет за Владата на Република Македонија.
„Декарбонизацијата и диверзификацијата на обновливите извори се клучни цели во процесот на зелена транзиција. Во оваа насока продолжуваме да ги прошируваме капацитетите за обновлива енергија преку инвестиции во фотонапонски електрани и ветерни паркови. Исто така, Министерството развива политики за искористување на други извори на енергија, како биомаса, биогас и геотермална енергија, со цел да ја искористиме целосната енергетска потенцијалност на нашата земја“, изјави Божиновска.
Таа истакна дека целосната гасификација на државата претставува столб во стратегијата за енергетска транзиција.
„Гасификацијата ќе овозможи значителни придобивки за општините во однос на намалувањето на загадувањето на воздухот и ќе овозможи изградба на когенеративни електрани, кои ќе бидат носечки извори на базна енергија во наредните децении,“ рече министерката.
„Преку гасни интерконектори со Грција, Србија и Косово, Македонија ќе го зајакне својот енергетски капацитет и ќе ја зајакне својата позиција во Југоисточна Европа придвижувајќи се кон целосна енергетска независност“, додаде таа.
Настанот, организиран во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој го спроведува УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, како и општините Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга, претставува значаен чекор кон заедничките напори за подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на животната средина во Република Македонија
Текстот Министерството за енергетика: Инвестиции во обновливи извори на енергија и целосна гасификација – клучни чекори кон енергетската транзиција е превземен од МАКФАКС.