Министерство за здравство: Димитров не присуствуваше на повеќето седници за ковид мерките

пред 3 години

Министерството за здравство соопшти дека е изненадено од, како што велат, непромислената изјава на вицепремиерот Никола Димитров, со која покажува значителна несериозност кон ковид пандемијата.

„Вицепремиерот денеска на пресконференција истакна дека неговите позиции во Владата ‘во однос на колегите биле различни на многу теми, како и приодот и мерките против пандемијата’. Чесно е Димитров, да каже дека на многу седници на ГККШ или на Владата кога на дневен ред беа токму тие точки, тој не ни присуствуваше, туку на седниците го заменуваше државниот секретар. Кога седниците пак беа ‘удостоени’ со присуството на вицепремиерот, тој во ниту еден момент не се спротивстави на препораките и на мислењата на стручната лекарска фела која до Владата препорачуваше и советуваше во кои насоки да се движат мерките за заштита од ширење на Ковид 19. Димитров, апсолутно го делеше мислењето со колегите“, велат од министерството за здравство.

Оттука додаваат дека кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот е една од најголемите во модерното време, а тоа бара одговорно однесување и дејствување во сите сегменти на општеството.

„Од Ковид-19 сите трпиме последици, дури и државите кои имаат најорганизиран систем, затоа е важно како ќе реагира секој поединец и како ќе ја разбере својата улога во општетсвото. Оттука неразбирливи се причините поради кои Димитров истапува во јавноста со вакви ставови“, се додава во соооштението на Министерството за здравство.

Share
Scroll to Top