Минчев: Вложувањето во знаењето на службениците не е трошок, туку стратешка инвестиција

Минчев: Вложувањето во знаењето на службениците не е трошок, туку стратешка инвестиција

пред 2 часа

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, се обрати на настанот на Тематската група за управување со човечки ресурси и професионален развој (HRMPD), насловен „Градење на капацитетите на институциите за обука на јавните службеници“, кој се одржува во Скопје.

Настанот е во организација на Министерството за јавна администрација во соработка со Регионалното училиште за јавна администрација (ReSPA), Амбасадата на Франција во Република Македонија и Центарот за управување со промени.

На настанот, министерот Минчев истакна дека инвестицијата во знаењето и професионалниот развој на јавните службеници е клучен предуслов за изградба на ефикасна, модерна и професионална јавна администрација која ќе биде во служба на граѓаните и компатибилна со европските стандарди.

„Кога зборуваме за реформи на јавната администрација, често се фокусираме на процедури, законски решенија или дигитализација на процеси. Но вистината е дека ниту една реформа не може да успее без најважниот елемент – човечкиот капитал. Затоа вложувањето во знаењето и вештините на службениците не е трошок, туку стратешка инвестиција во иднината на државата“, нагласи министерот Минчев.

Во рамки на реформскиот процес, министерот се осврна и на новиот Закон за стручно усовршување и обука на административните службеници, со кој ќе се формира Академија за стручно усовршување на административните службеници како посебен орган во состав на Министерството за јавна администрација.

„Со воспоставувањето на Академијата за јавна администрација за првпат создадаваме институционален столб за системско и континуирано стручно усовршување на службениците. Нашата цел е да изградиме култура на доживотно учење во администрацијата и јасна врска помеѓу знаењето, резултатите и напредувањето во кариерата“, потенцираше министерот.

Министерството за јавна администрација годинава за првпат е домаќин на високи претставници и директори на академиите за јавна администрација од регионот на Западен Балкан и Источното соседство, како и од земји членки на Европската Унија, меѓу кои Хрватска, Франција, Италија и Белгија. Овој настан претставува значајна платформа за размена на искуства, знаења и добри практики за унапредување на системите за обука и професионален развој на јавните службеници.

Министерот Минчев ја истакна и важноста од меѓународната соработка во процесот на реформи, нагласувајќи ја улогата на РеСПА како важен регионален партнер, како и поддршката од Владата на Француската Република преку проектот „Јакнење на капацитетите и професионализација на администрацијата во Република Македонија“. Тој изрази благодарност до РеСПА, Амбасадата на Франција во Република Македонија и ЦУП за нивната континуирана поддршка и партнерски пристап во спроведувањето на реформите во јавната администрација.

На крајот од своето обраќање, министерот порача дека инвестицијата во знаењето на административните службеници е директна инвестиција во довербата на граѓаните во институциите.

„Секој семинар, секоја работилница и секоја обука претставуваат чекор поблиску до администрација која не е товар, туку вистински сервис на граѓаните. Само преку силен човечки капитал можеме да изградиме силна, модерна и европска држава“, порача министерот Минчев.

Текстот Минчев: Вложувањето во знаењето на службениците не е трошок, туку стратешка инвестиција е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top