Мисајловски: Извештајот на Стејт Депарментот ги нотира криминалот и корупцијата на власта

пред 3 години

Извештајот на Стејт Депарментот ги нотира криминогеноста, криминалот и корупцијата на власта предизвикани од Зоран Заев, изјави на прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.

Нагласи дека стратешките партнери, во извештајот нотираат злоупотреба на скратените постапки во Собранието – работа против која ВМРО-ДПМНЕ континуирано се бори, но и постојано зборува.

„Законите не се прават врз основа на праксата и реалните потреби, и често се туркаат низ Собранието со скратени постапки, се вели во извештајот и се додава дека законите на хартија се во ред, но од друга страна не се имплементираат што претставува проблем и за граѓаните и за бизнис заедницата. Според извештајот на Стејт Департментот, иако Македонија има законска регулатива за спречување на злоупотреба на јавните функции и судирот на интереси, но спроведувањето на законите во тој дел е многу слабо и е насочено селективно кон критичарите на власта и ситни прекршители на законите, додека против високи претставници на власта нема ништо“, рече Мисајловски.

Како што додаде, нотирани се и постојани појави на непотизам при јавните набавки, а владата не нуди дополнителна заштита за невладините здруженија кои ја истражуваат корупцијата во нејзините редови.

Во Извештајот се вели дека голем број на компании кои работат во Македонија, вклучувајќи и неколку американски компании ја идентификувале корупцијата при јавните набавки и во судството како главен проблем.

„Ова е најнегативниот Извештај што Стејт Департментот го дал за Македонија, ова е сурова реалност која ја живееме со корупција, непотизам и конфликт на интереси при јавни набавки, а секако и огромна селективност во правосудството, се гонат ситни риби, а главните не одговараат“, оцени Мисајловски.

Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ има план и стратегија, со којшто корупцијата, криминалот и поткупот ќе станат минато.

Share
Scroll to Top