Митрески: До кога владата ќе си игра мајтап со работниците

Митрески: До кога владата ќе си игра мајтап со работниците

пред 4 часа

Пратеникот на СДСМ, Јован Митрески, на денешната седница посветена на пратенички прашања упати две прашања до министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, а се однесуваа на минималната плата за која, како што велат од СДСМ, владата не сака да даде конкретни одговори, а е најниска во регионот, како и за високите цени за кои граѓаните не се задоволни, па дури одат и во соседни земји да пазарат.

„Некако кога се зборува за минималната плата и она што го давате како одговор создава впечаток во јавноста дека владата не сака да даде конкретни одговори.

Зошто ова го кажав: претходно, во однос на износот на минималната плата, се кажа и денес дека не е најниска и дека се прави погрешна споредба со другите земји од соседството, дека наводно таму е бруто, а кај нас нето-плата.

Не е точно. Правиме споредба помеѓу нето минималната плата кај нас и нето минималната плата во соседството и за жал дојдовме да сме на најниско ниво.

Повисока минимална плата од нас имаат дури и некои земји кои се формираа како независни пред само неколку години. До тоа ниво сме стигнале.

Се разбира, користејќи ПР-изјави, продолжувате да кажувате дека ’и ние сме за повисока минимална плата, не само 500.000 евра, и илјада евра нека е, јас сум и за 2.000 евра‘, ама да се договорат работниците и работодавачите“, тоа во превод звучи како да кажете „што да се договорат волкот и јарето што вечер да вечераат“.

Се дојде до ситуација да треба да се договори помеѓу чеканот и наковалната – тие што ги даваат платите и оние што треба да ги примаат.

Едно образложение кое држи вода, кое го давате како министер за економија, е дека треба да се договорат затоа што може да дојде до отпуштања на работници или затворање на компании. Да ја изгубат работниците не само платата, туку и својата работа.

Почитуван министер, до кога ќе играте мајтап со работниците“, прапа Митрески.

Ако чекаме на договор помеѓу работниците и работодавачите, додаде тој, договорот како што вели, никогаш нема да се случи.

„Волкот и јагнето, почитуван министер никогаш нема да се договорат. До кога ќе капитулирате пред оние кои трупаат богатства на грбот на работниците“.

Второто прашање на пратеникот од СДСМ беше поврзано со цените.

„Очигледно, никој не оди во продавница да види што е тоа што се случува. Сега проблем е што граѓаните не се задоволни, па дури одат и во соседни земји да пазарат.

Прашањето е до министерот за економија: имаме ситуација откупот на млеко да биде од 29-31 денар за домашните млекари. Истите млекари продаваат литар млеко во маркет за 85 денари.

Фактички, ем земјоделците не се задоволни поради тоа што се случува, ем граѓаните плаќаат висока цена за готов производ во маркетите. Значи остваруваат некој екстра профит.

Поднесовме закони како опозиција, кои мислевме дека ќе придонесат за намалување на цените, но тие не беа прифатени.

Поднесовме мерки кои биле ветени во програмата, пред избори и тие не беа прифатени. Кажавте дека ќе се донесат кошнички. Донесовте, божиќна, велигденска, рамазанска, училишна. Денес имате изјави дека тие мерки не дале резултати, па моето прашање е: што ќе преземете за ова да не биде на штета на граѓаните, како што е со минималната плата на штета на работниците“.

Текстот Митрески: До кога владата ќе си игра мајтап со работниците е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top