Митрески по повод четири години од 27 април: Насилниците не се и никогаш нема да бидат уставобранители

пред 4 години

Координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, Јован Митрески, по повод 4 години од 27 април, истакна дека мора да има одговорност и за организаторите на крвавиот четврток.

„Денес, четири години од денот кога ова Собрание, храмот на демократијата, беше претворено во крваво бојно поле за одбрана на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Вооружени насилници, посегнаа по животите на пратеници, на новинари, посегнаа по уставниот поредок, по демократијата и волјата на граѓаните, а државата ја днесоа на раб на граѓанска војна“, рече Митрески.

Како што истакна насилниците не се и никогаш нема да бидат уставобранители како што денеска ги нарекува Христијан Мицкоски.

„Од држава на раб на граѓанска војна, денес сме држава членка на НАТО со трајно обезбедена сигурност. Од држава во која човековите права и слободи беа системски погазувани денеска сме држава каде демократијата, правата и слободите секојдневно се унапредуваат. Од поделена, изолирана држава, денес сме држава на едно општество, држава партнер и сојузник на демократскиот свет. Денес, Собранието повторно е храм на демократијата и поле на размена на идеи и аргументи“, додаде Митрески.

Share
Scroll to Top