Координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, Јован Митрески, обвини дека со месеци ВМРО-ДПМНЕ ја блокира работата на Собранието. Собраниските седници траат предолго, а носењето на закони во интерес на граѓаните чекаат со месеци – заглавени се во комисиите кои ги води опозицијата.
Митрески рече тоа не е само континуирана штета на угледот на Собранието, туку и на ефикасноста, а со тоа пратениците од опозицијата предизвикуваат штета и на граѓаните.
„Вчера цел ден граѓаните можеа да видат како пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја одолговлекуваа собраниската седница. Не дозволуваат парламентарното мнозинство да биде пресликано и во работните тела и комисиите. Работата на Комисијата за избори и именувања со месеци е закочена, а таа е важна за избор и именување на составите на важни државни институции. Една од нив, секако е и Уставниот суд кој со месеци работи во нецелосен состав. Со одолговлекувањето на оваа седница, ВМРО-ДПМНЕ кочи и други важни закони кои се на дневен ред, меѓу кои и Законот за земјоделство и рурален развој кој обезбедува 100 отсто субвенционирана нафта за земјоделците, од досегашните 50 отсто. Тоа значи целосно покривање на трошоците за нафта“, рече Митрески.
Покрај ова, како што додаде, со месеци во Собранието блокирани се и други важни закони. Блокиран е Законот за наставниците и стручните соработници во основното и средното образование кое обезбедува повисоки плати за 27.000 наставници. Законот за служба во Армијата кој носи подобри услови за пензионирање на војниците, можност на војниците да бираат дали ќе продолжат во јавна служба или ќе добијат надомест до 20,000 евра, исто така е блокиран. Повеќе од една година е блокирана и изградбата на нов Клинички центар во Скопје.
Митрески вели дека сето ова ВМРО-ДПМНЕ го прават заради фрустрација од дебаклот при формирањето ново парламентарно мнозинство и од очај за да ја прикријат неспособноста и криминалното однесување на нивните градоначалници.
„Како парламентарно мнозинство нема да се повлечеме пред блокадите на опозицијата, ќе сториме се, сите закони важи за граѓаните да бидат донесени и да започне нивната реализација. Мнозинството секогаш ја има можноста, мнозинството има легитимно право дадено од граѓаните, мнозинството за разлика од опозицијата ја носи и одговорноста за донесените одлуки во Собранието. Така е секаде во европските држави, така е и кај нас“, додаде Митрески.