Мицевски: На пратениците во Собранието им е ускратено правото да поставуваат пратенички прашања

пред 2 години

Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на пратениците во Собранието им е ускратено правото да поставуваат пратенички прашања. Во Собранието на Република Македонија, посочи тој, последен пат, седница за поставување на пратенички прашања имаше на 30-ти јули оваа година.

„Дури пет месеци, ако го броиме и декември, на пратениците им е ускратено правото да поставуваат пратенички прашања. Од 17 месеци Влада, 8 пати имало поставување на пратенички прашања“, нагласи Мицевски.

„Денес, Владата повторно сака да избега од одговорност, сака да избега од соочување со проблемите кои ги мачат граѓаните, сакаат да избегаат од скандалите и аферите за кои станаа рекордери. Иако Владата е во оставка, според Уставот нема никаква пречка да се одржи седницата за пратенички прашања и владините функционери да дадат одговори на прашањата од пратениците. Денес, Зоран Заев и неговите министри избегаа од одговори кои треба да ги дадат на јавноста, а се однесуваа за криминал, корупција, надворешна политика, енергетска криза, како и локални проблеми кои ги мачат граѓаните“, истакна Мицевски.

Како пример, рече тој, денес Заев избегал од одговор за прашањето за 5+1 пакетот одговори кои македонската страна го прати до Бугарија.

„Никој не знае што содржи овој пакет, никој не знае дали Владата повторно се согласила на некои отстапки кои се однесуваат на идентитетот и јазикот и дали ги прифатила условите на бугарската страна за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ“, додаде координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Share
Scroll to Top