Мицкоски: Власта го дели народот и го прогласи за русофилски

пред 2 години

„Дозволете да кажам збор два и за ова би рекол изминативе денови неодговорно однесување на Пендаровски и неговата СДСМ кои јавно на отворена сцена бројат кој бил за Русија, а кој бил за Украина, па згора на тоа овој првиот кажа и дека огромно мнозинство на македонскиот народ бил според него проруски. И ваквата делба на Украина – Русија која ја му ја прават на народот е само кога станува збор за теснополитичките и теснопартиските интереси, но и не кога ќе треба да стане збор за тендери или набавки од фирми кои се наоѓаат на црниот список на нашите сојузници. Тука нема проблем и Русија ја признаваат само криминалот и пљачката да си тече“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот регионален отчет во Гевгелија насловен „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт отчет на ВМРО-ДПМНЕ“.

Мицкоски додаде дека ваквата поделба на народот значи внесување на дополнителен раздор и на така поделеното ткиво во општеството, каде впрочем најдоа уште една тема да го разделат Македонецот и сето ова од истите тие кои треба да демонстрираат безпоговорно обединување. Но и што да се очекува од луѓето кои не се надминаа себеси за да се обедини македонскиот народ околу постигнување на консензус за прашањето со Бугарија, а не пак за Украина каде на креирањето на поделби гледаат како на редовна операција со која се гордеат.

„Ставот на ВМРО ДПМНЕ е јасен, а тој значи поддршка за мирот во Украина и на територијалниот интегритет на оваа независна и суверена држава. Но и на Ковачевски, и на Пендаровски, како и на оние кои се платени позади тастатурата да делат би им порачал дека народот не ни е проруски, ниту проукраински, нашиот народ е промакедонски, затоа што ние, а и тие кои го делат народот треба да работат исклучиво и само за еден интерес, а тоа е македонскиот интерес. И ако не си го знаат својот народ еве добро ќе им го објаснам супстратот на македонскиот интерес кој пред се е љубовта кон слободата, жедта за правдини, кој низ пркосен виор на жестоки борби, востанија, откажувања и жртви создаде своја држава Македонија. А, сонот за Македонија е држава на напредни граѓани каде се споделуваат цивилизациските вредности темелени на принципите и вредностите, на стандардите и правилата на Европската Унија, и почита на меѓународното право“, рече Мицкоски.

Мицкоски предупреди на еден инженеринг кој денеска се почесто е присутен во јавноста, кој што оваа власт на заминување предводена од дружината СДСМ и ДУИ сака да го спроведе.

„Прво, за нешто што се случува неколку илјади километри далеку од Македонија сакаат да го поделат народот, да не мисли народот на сиромаштијата која тоне, да не мисли за поскапите горива, да не мисли за поскапата струја, да не мисли за поскапиот леб, земјоделецот да не мисли на родот кој остана ненабран и непродаден, да не мисли за катастрофата во здравството, хаосот во образованието, туку да мисли некаде таму далеку нешто што се случува. Наместо да бидеме фокусирани на тоа што е наш проблем и тоа што треба да биде наша домашна грижа, да се грижиме за Македонецот, да се грижиме за граѓанинот на Македонија, тие прават одвлекување на вниманието и дефокус на теми коишто ниту еден од вас не ги засега. Тоа е инженерингот кој го започна Пендаровски делејќи го народот на проукраински и проруски“, појасни Мицкоски.

„Господа од власта, се додека Ковачевски и Заев, Пендаровски, Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи пишуваат статуси со поддршка на едната страна, овој народ е револтиран од вас бидејќи немате никаков авторитет кај овој народ и ќе биде против вас. Се што ќе кажете народот ќе биде против вас, затоа што сте нелигитимни и ве води нелегитимиен премиер кој е поставен таму само за да ги продолжи политките на заевизмот кои беа жестоко поразени на последните локални избори и во првиот круг и во вториот круг во нашата Македонија. Затоа колку повеќе вие го делите народот, толку тој посилно се обединува, а својот последен збор ќе ви го каже на предвремените парламентарни избори, а после тоа одговорност и за поделбите и за криминалот и за корупцијата и за сета неправда која ја донесовте во Македонија“, укажа Мицкоски.

 

Share
Scroll to Top