Мицкоски: Власта покажува незаинтересираност за положбата на Ромите

пред 3 години

Ромите во Македонија се нераскинлив дел од македонското мултикултурно општество и затоа мора да се работи Ромите, нивниот јазик и култура сесрдно да бидат поддржувани и афирмирани на институционално ниво во нашата заедничка татковина Република Македонија, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во честитката по повод Меѓународниот ден на ромскиот јазик.

„Можноста да се изучува ромскиот јазик, да се користи на институционално ниво, да се твори и да се говори на ромски јазик треба да биде темелот на заштита на Ромите од асимилација и унапредување на нивните права и нивниот статус во државата“, се наведува во пораката на партискиот претседател.

Во неа се посочува дека за жал, во последниот период, јавноста е сведок на се поголем број примери на дискриминација и кршење на правата на Ромите, за кои, како што се вели, инстутуциите на државата не преземаат доволно активности да ги санкционираат.

„Токму Ромите се една од најмаргинализираните заедници во државата и ваквиот однос на власта само дополнително ја покажува нејзината незаинтересираност ваквата состојба да се менува. Власта, за жал, како и за останатите граѓани, така и за Ромите, свесно ги злоупотребува економските и социјалните прилики на загрозени категории граѓани, не нудејќи притоа системски решенија кои ќе овозможат социјален и економски напредок, како основен предуслов за личен просперитет на поединците, но и заедниците“, посочува Мицкоски и додава дека власта треба и мора системски да ги решава предизвиците и да го поддржува унапредувањето на севкупниот општетсвен и социјален статус на граѓаните, а особено на Ромите.

Share
Scroll to Top