Наместо со политички говор кој ќе изобилува со критика, стереотипи, клише на нешто што е секојдневие овде во Штип но и низ цела Македонија, јас денеска одлучив, а така ќе биде и во текот на оваа кампања за локалните избори, да направам еден поинаков почеток во моето обраќање до Вас. И седнав вчера и напишав едно писмо до идниот градоначалник на Штип, а тоа е Иван Јорданов, истакна вечерва од Штип лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Со писмото кое како што најави Мицкоски ќе биде негова пракса за претстојните избори, сака, како што рече, на кандидатот за градоначалник на Штип да му ја предочи одговорноста и обврската кон народот.
„Народот е длабоко разочаран од политичарите. Политиката се претвори во една нечовечка арена на бескрупулозна игра, на подмолни удари, местенки, процеси. На еден континуитет на патење, без резултати. На една мачнина кај луѓето кај кои, кога ќе се спомне политика се чувствува бодеж во стомакот и чувство на гадење.
Тоа се оние пораки кои го принудуваат народот да си мисли „крадеа претходните, крадат и овие“, истакна Мицкоски.
И јас, рече тој од Штип, како и секој еден нормален човек со чувство на гадење гледам на политиката во Македонија“, рече Мицкоски.
„ Доста беше од некадарни партиски паразити на власта да ги фаќаат местата на способните во општините и државната администрација. Доста беше од локални бизнис моќници, и новокомпонирани инстант бизнисмени кои се доближуваат до локалната самоуправа само да се доберат до маркица за некоја нова зграда, нов бетон во кој ќе се гушат граѓаните. И таквата брза заработувачка прави да имаме денес градоначалници кои станале кметови одлепени од народот затоа што канцелариите им се полни со куферчиња пари за брзи маркици за градба“, порача Мицкоски.
Според него, не смее веќе зеленилото да се заменува со бетон.
„Кон трошењето на парите во општината мора да имаш пристап како кон свои пари. Грижливо и штедливо. Доста е расипништво какво што гледаме денес. Службени ручеци, гозби, на државна сметка платени од гладниот народ“ истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Денес илјадници луѓе остануваат без работа, а градоначалниците на власта ги штитат газдите кои немилосрдно печалат на трудот на работниците, додека работникот е незаштитен, потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Штип.