Мицкоски: Законот за високо образование е закон за иднината на државата

Мицкоски: Законот за високо образование е закон за иднината на државата

пред 6 часа

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека новиот закон за високо образование има за цел да донесе квалитет, стабилност и перспектива, нагласувајќи дека образованието е фундаментот врз кој се гради секое општество.

Тој посочи дека во изминатиот период се правеле експерименти со образованието, што довело до намален квалитет, особено по законското решение од 2018 година, кое, како што рече, резултирало со намалени прагови за напредување, намалена научна продукција и финансиска поддршка.

Според него, во изминатите години не била спроведена сериозна евалуација ниту биле предложени суштински решенија, поради што, како што рече, потребата за промена е очигледна.

Мицкоски нагласи дека новиот закон е изработен преку партнерски однос со академската заедница, со цел да одговори на реалните предизвици и да отвори нови перспективи.

Тој истакна дека со новото решение се создаваат услови младите да останат во државата, при што студентите кои студираат на најдобрите 100 светски универзитети со државни стипендии, како и најдобрите студенти во Македонија, ќе имаат предност при вработување на државните универзитети.

Дополнително, најави нов модел на финансирање на високообразовните установи, каде дел од средствата ќе бидат насочени кон развој, а дел ќе зависат од резултатите, со што повеќе вложен труд ќе значи и повеќе средства.

Премиерот посочи дека буџетот за универзитетите годинава изнесува 7,5 милијарди денари и дека ќе продолжи трендот на зголемување на средствата, како и поддршката за научната дејност, со цел јакнење на меѓународната видливост и квалитетот.

Тој рече дека законот е донесен по широка дебата со универзитетите, експертите и студентите и дека станува збор за заедничко решение.

Мицкоски нагласи дека е неопходно да се престане со импровизации и да се премине кон системски решенија, предупредувајќи дека во спротивно ќе продолжи одливот на млади кои студираат во странство.

Тој додаде дека целта е напредок на универзитетите на ранг-листите, вклучително и Шангајската листа, како и задржување на младите во земјата и нивно враќање од странство.

Премиерот повика на заедничка работа за создавање квалитетен образовен систем, нагласувајќи дека станува збор за државно, а не политичко прашање.

Текстот Мицкоски: Законот за високо образование е закон за иднината на државата е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top