Нашата определба за партнерство и транспарентност е тесно поврзана со европската иднина на државата. Процесот на приближување кон Европската Унија не е само административна постапка, туку суштински трансформациски пат. Отворената власт е алатка преку која ефективно ја реализираме Програмата за работа на Владата 2024–2028, во чиј фокус се граѓаните и нивната доверба во институциите, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, на отворањето на состанокот посветен на партнерството за отворена власт.
„Нашата држава се соочува со нов скандал – нелегално прислушкување и масовна злоупотреба на системот во изминатите неколку години.
Јас лично, тогаш како претседател на најголемата опозициска партија, денеска како премиер заедно со новинари, медиуми, бизнисмени и јавни личности сме биле жртва на системот кој ги следел своите граѓани. Ова не е напад само врз мене, туку врз демократијата, врз правото на слобода, врз темелите на државата.
Сакам да порачам: Нема да има селективна правда. Ќе има одговорност. Ќе има правна разрешница. Нашиот народ предолго бил жртва на злоупотреби, на корупциски шеми и на тајни центри на моќ. Времето на недопирливи заврши.
Токму затоа партнерството за отворена власт е наш заеднички одговор. Затоа што таму каде што има светлина, нема простор за сенки. Кога институциите се отворени и отчетни, тогаш нема место за злоупотреба, ниту за загрозување на слободите и демократијата“.
Ние, нагласи Мицкоски, не бегаме од проблемите, туку ги решаваме.
„Ние не се плашиме од предизвици- ги совладуваме.
Нашата визија е да изградиме држава со силни институции, модерна администрација, дигитални услуги достапни за секој граѓанин, со економија што расте и со општество што верува во демократијата.
Наша должност е да создадеме систем што ќе биде транспарентен, праведен и ефикасен, систем кој ќе биде во служба на граѓаните и кој ќе го врати достоинството на јавниот интерес“.
Македонија, како што порача Мицкоски, стои цврсто на патот на реформите, на европската интеграција и на борбата против корупцијата.
Текстот Мицкоски за прислушувањето: Нема да има селективна правда, ќе има одговорност и правна разрешница е превземен од МАКФАКС.