Идентитетско обезличување ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати, но во исто време сакам да се знае дека потребна е широка поддршка од сите интелектуални и општествени групи, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот регионален отчет во Охрид.
Мицкоски нагласи дека власта одбива консензус по ова прашање, а подадената рака од опозицијата треба да биде прифатена, затоа што тоа е одговорно однесување и би било засилување на аргументите во преговорите со Бугарија.
„Одбивањето само говори тоа дека на повидок е многу поопширно решение од само промена на Уставот во која што требало да биде вклучено бугарското малцинство во Македонија. Поопширното решение подразбира навлегување во историјата и македонскиот јазик со што директно се задира македонскиот идентитет. Што би значело газење по македонскиот идентитет. Такво идентитетско обезличување ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати, ниту сега, ниту во иднина, но во исто време сакам да се знае дека потребна е широка поддршка од сите интелектуални и општествени групи, нивна мобилизација и гласност на секој поединец за да не се дозволи решение со кое подоцна треба да се живее. Јасно им е дека во Парламентот немаат 80 пратеници, и единственото нешто што ќе им остане на располагање е целокупните барања опфатени со Декларацијата на бугарскиот Парламент да бидат дел од преговарачката рамка. Тоа е она кое што го преговара денеска Ковачевски од името на Зоран Заев и тоа е оној заевизам, кој што ние го зборуваме кој што не исчезна, присутен е неговиот дух затоа што според политиките на Ковачевски тоа можеме да го видиме и во јавноста и во преговорите со Петков“, рече Мицкоски.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека партијата е за решение, но бара гаранции за многувековната историја на македонскиот народ, како посебен народ и различен од останатите словенски народи. Бара гаранции за неговата традиција, неговите обичаи, културата и македонскиот јазик. Најпосле, рече Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ бара гаранции дека никогаш повеќе, додека не станеме полноправно членка на ЕУ, никој нема да не опструира поради субјективни причини.